Преговорите кои на пониско се водат помеѓу четирите политички партии се прекинати денеска, a партиите побарале дополнителни консултации по несогласувањето околу пречистувањето на Избирачкиот список.
Според портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, власта секогаш бега од преговори кога се разговара за уредување на условите, согласно договорот од Пржино, а коишто останаа отворени, Избирачкиот список и регулацијата на медиумите.
„Преговорите се прекинати. Секогаш кога ќе дојдеме до двете болни теми за ВМРО-ДПМНЕ, а тоа се прочистување на Избирачкиот список, односно 330.000 спорни записи и регулирање на медиумската сфера, во тој момент доаѓа до прекин на преговорите од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ бега од фер, слободни и демократски избори.
ВМРО-ДПМНЕ сака да има избори по негов терк, какви што беа и досега, криминални и крадени. Социјалдемократскиот сојуз тоа нема да го дозволи. Ние го дадовме нашиот збор. Никола Груевски е политичко минато. Зборот е збор. Република Македонија ќе има фер, слободни и демократски избори.
Никола Груевски секогаш бега од редот и законите во оваа држава. Секогаш кога има најмала шанса некои работи да се доведат во законски ред, Никола Груевски бега од таквите средби. Токму на тоа се должи и денешниот прекин. Кога дојде на дневен ред и немаше каде да бегаат и беа стиснати до ѕид, да мора да почне да се разговара и преговара за 330.000 спорни записи во избирачкиот список и за регулацијата на медиумите, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ избегаа од преговорите.“ рече Шилегов.
Тој не даде прецизен одговор кога би можело преговорите да продолжат.




