– Нерегуларностите во Општините во кои раководи кадар на власта не се изразени само за автобуски превоз на ученици, туку постојат и очигледни сомнежи за злоупотреба на пари на граѓаните и во над 20 тендери за греење во училиштата, напомена денес пред новинарите, портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Според Шилегов, станува збор за скандал кој се наоѓа во владина информација, а според податоците, Тетово, Битола, Охрид, Кичево и Струга се дел од општините со најголеми долгови за затоплување.
– Пријавувана е површина за затоплување во училиштата и до три пати поголема од реалната, рече Шилегов.
Тој вели драстични разлики има и во цените за набавуваните енергенси. За едни училишта биле набавувани дрва по цена од 1400-тини денари. За други, повеќе од двојно – 3500-тини денари.
Шилегов потенцираше дека скандалозно е што Владата се обидува да ги прикрие евидентните злоупотребeни пари на граѓаните. Заедно со сомнителните набавки за автобуски превоз на ученици, бројот на сомнителни општински тендерски документации е над 40.
„Самата Влада констатира и долгови на општини што ги раководи власта од 9 милиони евра. Поради нелогична превработеност во услови кога бројот на паралелки бил намален. Сето ова го формира огромниот долг на општините од неверојатни 17 милиони евра, изјави портпаролот на Социјалдемократскио сојуз.
Владата на Груевски, вели Шилегов, по предлог на Пешевски се обидува да ги сокрие овие противзаконски расфрлувања пари на граѓаните.
Шилегов уште еднаш потенцираше дека ова е трета прес конференција на СДСМ која открива општински злоупотреби на пари на граѓаните, за која Груевски и Владата досега молчат.
СДСМ им порачува на сите надлежните институции дека прикривањето можен криминал или корупција е кривично дело.




