„Во средата, 15-ти октомври, надлежните во Македонски шуми добиле налог, според нашите информации, лично од Груевски, итно да се изготват известувања до сите 25 илјади пријавени за исходот од Конкурсот. Замислете, дури две недели од наводно транспарентните вработувања во најскандалозното телевизиско Лото шоу досега! Дел од директорите оделе по вработени да се оградат од одговорност, свесни за незаконските процедури. Им велеле, тоа беше меѓу генералниот и Груевски, ние не сме виновни“, соопшти денеска Хари Локвенец, член на Извршен одбор на СДСМ.
Каков беше тој Конкурс во којшто на 23 ипол илјади одбиени, меѓу нив тешко загрозени социјални случаи, им е одземено правото на жалба?! До овој момент, јавно не се истакнати бодувањата. СДСМ сеуште ова го бара од Владата, потенцираше Локвенец.
Според него оттаму и паничниот налог од Владата итно да се почне со достава на решенијата до одбиените. Видоа дека неколкуте вистински социјални случаи што ги извадија на телевизија, рече тој, не можат да ја покријат армијата партиски вработувања и револтот што се јави меѓу социјалните случаи.
– Кога сме кај двајцата соработници, Никола Груевски и Љубисав Иванов, еве еден мал пример како функционира таа соработка на дело.
– Прашуваме, дали на оваа фотографија е еден од примените од Кратовско меѓу социјалните вработувања. Далибор Петровски! Кандидат за советник од коалицијата меѓу Груевски и Ѕинго на последните локални избори. Погледнете. Еве и фотографии од ова лице со неговиот локален шеф Ѕинго и со неговиот централен шеф Груевски. Еве што вози ова наводно социјално загрозено лице. Голф 4!


– Дали се точни и следниве неколку примери. Уште едно вработување од Кратовско. Според нашите информации, исто резервирано за партнерот на Груевски од овој крај. Како социјално загрозена, е примена тетката на пратеникот од Социјалистичката партија, Малиша Станковиќ. Од неговото тесно семејство. Сестра на неговата мајка!
– Или за вработувањата од Гевгелија. Дека Барабанот на Владата, министерството за информатичко општество и на Македонската телевизија „случајно“ доделил социјално вработување на првата братучетка на градоначалникот на општина Дојран, Борче Стамов. Како што знаете, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
– Или дали во Пехчево, исто така случајно, социјално вработување добил претседателот на Унијата на млади сили на Пехчево, Митко Мицевски и советник во општина Пехчево од ВМРО-ДПМНЕ!

– Веќе информиравме за вработувања фантомски лица во Струмица и Охрид, чии имиња не постојат, и за бројни партиски вработувања, а нови податоци секојдневно стигнуваат, истакна Локвенец.



