Според потврдени информации, Владата побарала агреман од Србија за невропсихијатарот Вера Јовановска-Типко, поранешен советник на премиерот Груевски да биде амбасадор во оваа соседна држава, обелодени на денешната прес-конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
„Вера Јовановска-Типко е невропсихијатар и сопственик на терапевски центар кој изгледа ќе треба да ни ги „лекува“ и подобрува дипломатските односи со Србија и без ниту еден ден искуство во дипломатска сфера ќе треба да не претставува и да ги претставува интересите на Република Македонија во Србија, држава со која имаме многу заеднички сфери на интерес, држава со која треба да ги зацврстиме и прошириме економските релации, држава со која имаме и важно отворено прашање, истакна Шилегов.
СДСМ прашува:
– Со какви знаења и искуство ќе настапи невропсихијатарот и каква сериозност ќе покаже Република Македонија во надворешно политичките и дипломатски односи?
– Чии фрустрации ќе ги лечи? И дали тоа што била советник на Груевски е единствена доволно добра причина, единствен важен критериум за да биде амбасадор?
СДСМ бара власта да престане да си игра со надворешната политика. На вакви значајни функции, кои се всушност „лицето“ на државата треба да се праќаат стручни кадри, а не партиски или приватни консултанти и послушници.




