Во центарот на Скопје е направен криминал поголем од 300 милиони евра од страна на високи функционери на власта од ВМРО ДПМНЕ, обелодени Спасовски и соопшти дека СДСМ јавно поднесува усна кривична пријава против Канчевска Милеска
– Продолжуваме со обелоденување на уште еден сегмент од најголемиот криминал во историјата на Македонија направен преку проектот „Скопје 2014“.
– Во име на еднаквиот третман на сите пред лицето на правдата, денес јавно поднесуваме усна кривична пријава до Јавното обвинителство на РМ за гонење на организиран криминал и корупција против министерот за култура на Република Македонија – Елизабета Канчевска Милеска.
– За основано сомневање за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, став 5 од Кривичниот закон, за нанесена штета на Буџетот на РМ во вредност од над 3,5 милјарди денари или повеќе од 58 милиони евра, истакна Оливер Спасовски, пратеник, Генерален секретар на СДСМ.
СДСМ се сомнева дека спротивно на членовите 3, 4, 5 и член 8 од Законот за меморијални споменици и спомен обележја (ЗМССО) министерката учествувала, поттикнала и ја злоупотребила својата функција на начин што во име на Министерството доставиле 13 иницијативи до општина Центар за подигање на 22 спомен-обележја, иако од содржината на истите и описот на ликовите даден во иницијативите произлегува дека се работи за изградба на меморијални споменици, за кои општината не е надлежна туку Собранието на РМ и тоа свесно знаејки дека за секој споменик поединечно Собранието мора да донесе одлука и тоа со Бадентерово мнозинство. На таков начин пријавената-Министер за култура на РМ-Елизабета Канчевска Милеска, се сомневаме дека свесно и со умисла сторила кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст. 5 од Кривичниот закон, нанесувајки штета на буџетот на РМ во вкупен износ од 3.551.068.000 денари или 58.023.986 евра.
Еве дел од доказите кои јавно ги презентираше СДСМ:
Министерството за култура ги доставило иницијативите за подигање на спомен облежја број 33-9992/1 од 30.10.2007; 41-3060/1 од 04.03.2008; 41-6114/1 од 16.06.2008 година и уште десет такви иницијативи до општина Центар, за отпочнување на постапки за изградба на наводни “спомен обележја” како и исплаќање на повеќе од 58 милиони евра.
Во сите свои иницијативи Министерството за култура посочува дека станува збор за, цитирам: истакнати историски личности од историјата на Република Македонија кои се од исклучително значење за развојот на државноста и за државно – правниот континуитет и се вградени во историскиот развој на Република Македонија. Описот на ликовите даден во иницијативите се совпаѓа во целост со законската дефиниција за меморијален споменик.
Од увидот во списокот на поставени споменици нема сомневање дека сите ликови, кои се посочени во иницијативите од Министерството за култура, преставуваат маркантни личности, кои се од исклучително значење за развојот на државноста на Република Македонија.
Спомениците на Гоце Делчев, Никола Карев, Даме Груев, Цар Самоил и Александар Македонски не се личности од локално значење.
Имајќи ги во предвид законските одредби (членовите 3, 4, 5 и член 8 од Законот за меморијални споменици и спомен обележја) како и усно изложените факти на денешната прес-конференција, бараме итно постапување на МВР и Јавното Обвинителство, кои ќе докажат дека немаат селективен пристап и дека сите се еднакви пред законот.
Повикуваме веднаш да се разгледат и можностите во врска со тоа дали Министерката може да го повтори делото, имајќи предвид дека се уште е на истата функција.
Треба да се процени дали министерката за култура може да влијае на сведоците и дали министерката може многу лесно да се впушти во бегство надвор од државата знаејќи дека има дипломатски пасош?
Државните институции се должни да реагираат.
Во центарот на Скопје е направен криминал поголем од 300 милиони евра од страна на високи функционери на власта од ВМРО ДПМНЕ. Ова е само дел од овој криминал.




