– ВМРО–ДПМНЕ или не го признава Министерството за финансии како официјално министерство на Република Македонија, или намерно не ги следи официјалните податоци објавени од оваа институција, реагираат од СДСМ откако владејачката партија во однос на буџетскиот дефицит потенцираше дека доколку СДСМ биле на власт, Македонија ќе се наоѓаше во поголема криза од грчката.
„До месец октомври, Владата создавала просечен месечен дефицит од по 28 милиони евра. За годината да заврши со дефицит од 3,9% од БДП, Владата во наредните два месеци треба да оствари дефицит од уште само 34 милиони евра. Тоа е невозможно, со оглед на досегашниот тренд, според кој се очекува дефицитот да биде далеку поголем од проектираниот во ребалансот. Од друга страна, зошто некој би му верувал на ВМРО-ДПМНЕ, кој лани оствари за околу 100 милиони евра поголем дефицит од планираниот за буџетот во 2012 г.?“, посочуваат од најголемата опозициска партија.
>> ВМРО-ДПМНЕ: Да беше СДСМ на власт ќе беше полошо и од грчката криза
Оттаму укажуваат на податоците од табелата на Министерството за финансии за октомври, и реагираат дека е видливо, дека за 2013 г. се планирани капитални расходи од 328 милиони евра за десет месеци, а се реализирани само 214, што претставува бедни 65%.
Во однос на споредбата со ситуацијата во Грција, од СДСМ нагласуваат дека грчкото сценарио се случи заради грчките политики на високи буџетски дефицити, непродуктивни трошења и фингирани статистики, и велат „ВМРО-ДПМНЕ упорно ја турка Македонија кон истото сценарио“.




