СДСМ обелодени владин документ, кој според нив открива скандалозен обид на Владата да прикрие сомнителни општински тендери за набавка на нафта и превоз на ученици.
„17 милионскиот долг на 54 општини, од кои над 9 милиони евра се долгови на основните училишта поради превработеност, не е единствениот фрапантен податок во оваа Информација на вицепремиерот за економски прашања Пешевски која е доставена на 08.11. 2013 година до министерот за образование, Спиро Ристовски.
– Покрај долгот во овој документ станува збор за спорни 40 општински тендерски документации. Од сомнителните тендери, 20 се за набавка на услуги за превоз на ученици“, рече пред новинарите Петре Шилегов од СДСМ.
Според документот разликата во парите за превоз на ученици, од општина до општина, изнесувала и по неколку илјади денари по ученик.
„На пример, констатирано е дека просечната цена на превоз по ученик во средното образование во 2012 година во Гевгелија изнесувала 873 денари. Во Ресен, меѓутоа, таа е 5000 денари поголема! Ресен пријавил потреби од 6.000 денари за превоз по ученик?! Во Град Скопје просечниот месечен трошок по ученик изнесувал 1035 денари. Општина Македонски брод пријавила цена од 2808 денари по ученик, општина Штип 3084, Велес 3207 по ученик.
– За одредени релации, како што стои во владиниот документ, некои општини, не е наведено кои, за одредени релации пријавувале превоз од по, фантастични 10 илјади денари по ученик.
– Логично, и во самата владина Информација, се констатира дека цените што ги пријавувале дел од општините се нереални. Станува збор за општини со кои раководат градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, истакна Шилегов.




