– Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефим Шаклев исто како и лидерот на земјоделците, Никола Стаменов кој вчера читаше напишано соопштение од Центарот за комуникации на ВМРО ДПМНЕ, е уште еден обид на власта за злоупотреба на земјоделците преку така наречени лидери на земјоделците, реагираат од СДСМ.
Според најголемата опозициска партија, тоа се истите оние претседатели на асоцијации, синдикати и земјоделски здруженија кои ги организирале контра-протестите пред седиштето на СДСМ.
>>Заев: За лагите и хајката против мене некој ќе одговара
„Да потсетиме само на изборната кампања на ВМРО ДПМНЕ во 2011 година кога во земјоделските спотови глумеше токму Никола Стаменов заедно со Вељо Тантаров и Љупчо Аризанов. Очекуваме дека деновиве и тие ќе добијат партиска задача да се јават како наводно загрижени за земјоделското производство“, стои во реакцијата на СДСМ.
Оттаму велат доколку тие биле вистински лидери на земјоделците, наместо да праќаат нарачани соопштенија до опозицијата треба да ја повикаат Владата да им ги исплати субвенциите на земјоделците за 2012 година, чиј краен законски рок, 30 јуни одамна е изминат.
– Вистински претставници на земјоделците ќе прашаа и каде се 130 милиони евра за 2013 година кои беа предвидени во буџетот, а до сега ниту денар од нив немаат исплатено, стои подолу во реакцијата.



