По одлуката на Владата за вработување на 294 психолози и педагози во основните и средните училишта, најавена за наредните 2-3 години, како потреба што наводно произлегла од анализата што ја направило Министерството за образование за стручниот и кадровски потенцијал во училиштата, СДСМ отвори неколку прашања на кои бара одговори од министерот за образование Спиро Ристевски:
-Зошто не направивте и анализа на учебниците што ја вети вашиот претходник?
-Зошто не направивте и анализа за преоптовареноста на наставниот кадар со административна работа на сметка на наставниот процес?
-Зошто, господине Ристевски, не направите и анализа за фрустрациите што ги предизвикавте кај децата, родителите и наставниците со екстерното тестирање?
-Зошто не направите и анализа за квалитетот на законите кои ги носите преку ноќ, без јавна расправа, без стабилна финансиска конструкција и со нефункционални елементи?
-Зошто не направивте анализа пред да потрошите односно фрлите над 60 милиони евра за неуспешниот проект компјутер за секое дете?
СДСМ бара Министерството за образование да ја информира јавноста за тоа каде, кога и на кој начин ќе се вработуваат овие кадри. Дали навистина ќе бидат вработувате потребни стручни кадри или сте во интензивна потрага само по нови гласачи.
СДСМ укажува дека пред и за време на изборните активности не е дозволено да се прават злоупотреби со вработувања во јавниот сектор.
„На крајот, бараме од Министерството за образование јавно да ја публикува анализата која наводно покажала дека токму овие, а не други стручни кадри, на пример дефектолози, се приоритетно потребни за спроведување на обврските од законите за основно и средно образование, за јавноста да се увери во исправноста на вашата одлука“, истакна пред новинарите Петар Атанасов член на ИО на СДСМ.




