Референдумот во општина Центар недвосмислено испраќа порака дека граѓаните се решени да се спротивстават на погрешните политики на Никола Груевски, смета Социјалдемократскиот сојуз.
– Огромно мнозинство, над 95% од граѓаните што излегоа на референдумот, го дадоа својот глас за зачувување на автентичноста на ГТЦ. Во услови на непрочистен Избирачки список, во којшто над 25% од граѓаните имаат различни адреси од оние на коишто се заведени, дури 17.000 граѓани на Центар покажаа одлучност и се спротивставија на уништувањето на Скопје за лични и бизнис интереси, се вели во соопштението на СДСМ.
Оттаму забележуваат дека Центар е општината во којашто Никола Груевски и неговите најблиски соработници ги направиле најголемите прекршувања на изборните правила во последните неколку изборни циклуси, но и покрај тоа, не успеале да го освојат Центар.
– Идентично, и за време на референдумот Груевски и неговите соработници ги применија истите методи на притисок. И покрај силниот притисок, граѓаните на Центар испратија силна порака до власта. Јасно е, ниту притисокот, ниту молкот, ниту бојкотот на референдумот не можат да го спасат Никола Груевски од заминување од политичката сцена во Македонија, се вели понатаму во соопштението на најголемата опозициска партија.
Референдумот на општина Центар за зачувување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар не доби цензус бидејќи од вкупниот број гласачи, вкупно 40 отсто го остварија правото на глас. Според официјалните резултати на ДИК од оние што гласале 95,36 отсто гласале ЗА зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ.




