СДСМ објави уште една, нова можна злопупотреба при продажба на државно градежно неизградено земјиште.
Во случајот, станува збор за продажба на 4 парцели со површина од 18 илјади 649 метри квадратни (18.649 м2) во поранешна воена касарна „Христијан Тодоровски Карпош“ во Куманово.
„За оваа продажба, постои основано сомнение дека министерот за транспорт и врски, господинот Миле Јанакиевски, постапил спротивно на законот и продал државно градежно неизградено земјиште, спротивно на Уредбата за висина на цена на градежното земјиште во сопственост на Република Македонија.
– Парцелите се продадени само на едно физичко лице, по цена од 71 денар по метар квадратен иако, согласно Уредбата, минималната почетна цена на земјиштето требала да биде 462,7 денари. Имајќи го ова во предвид, основани се сомневањата дека продажбата е направена по речиси 7 пати пониска цена’, рече пред новинарите Максим Димитриевски, член на ИО на СДСМ.
Според него државата, наместо да инкасира минимум 8,5 милиони денари во овој случај за истото земјиште наплатила само 1 милион 324 илјади 79 денари (1.324.079 денари).
„Преседанот да биде уште поголем, вкупниот данок на промет на недвижности, платен при преносот на земјиштето од страна на купувачот, е двојно поголем од цената платена за земјиштето и изнесува 3 милиони 467 илјади 958 денари (3.467.958 денари).
Повеќе од јасно е дека државата има наплатено повеќе средства по однос на данок отколку за продажба на државниот имот“, рече Димитриевски.



