„Госпоѓо Јанкулоска соочена со фактите и вистината, како во квизот „Милионер“, се одлучивте да одиграте „повикај пријател“. Вашиот пријател, Антикорупциската комисија, наместо да Ви помогне уште повеќе Ве заплетка. Од нивната „помош“ се отвораат нови сериозни прашања што треба да ги објасните на јавноста и Вие и Антикорупциската комисија“, реагира денеска СДСМ. Еве дел од прашањата кои денеска пред новинарите ги изложи портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Прво, министерке Јанкулоска, каде во Скопје, во централно подрачје, 214 метри квадратни чинат 140 илјади евра? Помалку од 700-тини евра по квадрат?! Во Центарот на Скопје?! Ова би била корисна информација за граѓаните бидејќи и тие сакаат да купат евтини станови.
Значи, каде и од кого со 140 илјади евра може да се купат два стана, од 114 и од 95 метри квадратни?
Второ, како сте успеале да добиете кредит од 100 илјади евра, со државна плата од 60-тина илјади денари? Ако навистина го имате, како го враќање со две плати од државната администрација, кога за толкав кредит ратата не е помала од 80 илјади денари месечно? Фирми не можат да отплаќаат толкави кредити, а не државни службеници!
Трето прашање, и до Вас и до Антикорупциската комисија – Каде Ви е објавена информацијата за кредит од 100 илјади евра? Тој податок треба да е јавен, ама никаде го нема!
Освен Антикорупциската комисија, го прашуваме и премиерот:
Дали за експресното богатење на првата полицајка Јанкулоска, знаел Никола Груевски?
Прашуваме, дали по примерот на други колекционери на станови, премиерот Груевски има разбирање за истите афинитети и на неговите најблиски соработници?!
Во меѓувреме ги повикуваме државните институции, неселективно, да го разгледаат случајот Гордана Јанкулоска.
Најавивме, дека ова е првиот во низата скандали за експресни богатења на власта, за коишто СДСМ ќе ја информира јавноста.
Што се однесува до заканите за тужби, порачуваме, дека ниту јас како портпарол се плашам, ниту кој било од СДСМ ви се плаши. И што е најважно, а најмногу ве боли, се повеќе граѓани не ви се плашат!




