ВМРО-ДПМНЕ нека им даде задолжение на членовите на ДИК од нивните редови, да не ги опструираат и да ги поддржат сите активности на ДИК за прочистување на Избирачкиот список, реагираат од СДСМ откако премиерот Никола Груевски апелираше до претседателот на СДСМ, Зоран Заев и до претседателот на ДИК, Борис Кондарко, веднаш да започнат со прочистување на изборниот список, бидејќи според него, Комисијата е надлежна за тоа.
Претходно премиерот нагласи дека барањето на СДСМ за прочистен избирачки список е само алиби за слабите изборни резултати на следните избори.
Премиерот Груевски смета дека се работи за бојкот од страна на претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, кој шест месеци намерно избегнува прочистување на избирачкиот список.
– Дополнително, укажуваме дека за Избирачкиот список вистинската адреса е МВР коешто го подготвува списокот и го праќа до ДИК. Токму МВР на криминален начин запиша фантомски гласачи, со цел ВМРО-ДПМНЕ да манипулира со изборите, пишува во реакцијата на СДСМ.
Што се однесува до измените во изборното законoдавство, за што од Социјалдемократскиот сојуз сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ и Груевски го премолчуваат, тие веднаш можат, стои подолу во реакцијата, преку министерството за правда да ги предложат измените што се препорака од ОБСЕ и ОДИХР. Примената на препораките на ОБСЕ и ОДИХР за измени во Изборниот законик, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ веќе со години ја избегнуваат.
СДСМ го обвинуваат премиерот дека нема волја за имплементација на препораките и дека тоа фрла сенка врз искрените намери на Груевски за фер и демократски избори.




