Денеска во Охрид се решава спорот околу црквата „Свети Димитрија“ во струшкото село Октиси, каде пред неколку денови жителите од муслиманска вероисповед спречија да се изврши осветување на темелите на црквата.
По инцидентите минатата недела денска на иста маса ќе седнат надлежниот митрополит Тимотеј и претставник од Исламската верска заедница, со посредство градоначалникот на Струга Зијадин Села.
Владиката Тимотеј за НОВА изјави дека разговорите се тек и тој се надева на решение, „кога ќе го најдеме ќе бидете известени“, вели тој без да прецизира како тече средбата.
По однос на барање до судот за воспоставување времена мерка за Решението за градба на параклисот во село Октиси поднесено од градоначалникот на Струга, Зијадин Села, митрополит Тимотеј рече дека на тој начин само ќе се добие време за да се реши проблемот и да се смират страстите меѓу жителите во селото од христијанска и муслиманска вероисповест но, не станува збор за отстапување од осветувањето на темелите на некогаш постоечката црква во Октиси.
Вчера невладината Цивил со апел до јавноста побара секој поединец, жител-ка на ова село, да се воздржат од секакви насилни акти, а разликите во ставовите да ги стават на маса и да ги решат проблемите преку разговор како достоинствени и разумни луѓе и добри соседи.
„Собирањето во толпи кои извикуваат пароли на верска омраза и навреди, како и нападот на жената која се прекрстила на улица, како што јавија медиумите – се крајно нецивилизирани и опасни“, велата во Цивил.
Апелираме до политичките структури и властите да работат на надминување на меѓуетничките и меѓурелигиските тензии во интерес на сите граѓан(к)и, без оглед на нивното етничко или верско потекло, што е нивна законска и морална обврска.
Бараме од верските заедници да престанат да се мешаат во политиката и никогаш повеќе да не излегуваат во јавноста со изјави кои сеат омраза и предрасуди меѓу луѓето. Нивното однесување последниве години е непримерно и се коси со основите на религиите кои ги претставуваат.
„Веруваме дека овие тензии се последица од погрешните политики и од позиција на интереси на политичарите и верските лидери. Оваа констатација произлегува од фактот дека секогаш кога во државата се случуваат настани или процеси кои ја засегнуваат демократијата и владеењето на правото воопшто (Комисијата за 24 декември, спорот со името, изборни процеси итн.), паралелно со тоа растат меѓуетничките и меѓуверските тензии.
– Ваквото дивертирање на вниманието на јавноста од овие проблеми е крајно опасно и ги подрива темелите на општеството и државата, развојот и безбедноста, а им нанесува трајни удари на мирот, демократијата и човековите права“, се вели во апелот од Цивил.




