Донесена е одлука да се формира Кризен штаб во рамките на Министерството за за здравство, кој ќе ги координира сите активности на превенција и евентуално справување со појавата на корона вирусот. Ова тело ќе се состанува секој ден и ќе биде во постојана комуникација со медиумите, соопшти вечерва министерот за здравство Венко Филипче по состанокот во Центарот за управување со кризи, каде беа договорени и градовите каде ќе бидат центрите за изолација во кои ќе се сместуваат сомнителни случаи со корона вирусот.
„Се обезбедија простори по потреба за изолација на патници, кои треба да бидат мониторирани 14 дена. Тоа се Инфективните одделенија за почеток во Штип, а потоа и во Велес и Гостивар. Во координација со МВР ќе се обезбеди неопходна бројка на полицијаци, кои би ги обезбедувале овие одделенија“, изјави министерот Филипче по завршување на состанокот.
Тестовите на тројцата кинески државјани кои денеска пристигнаа во Македонија, се негативни, но тие и натаму ќе останат под мониторинг на нашите институции. Договорено е на само неколку гранични премини ќе се пречекуваат патници кои доаѓаат од Северна Италија.
„Тоа се на Богородица, Блаце, Деве Баир, на Табановце и Ќафасан, со цел контролата да биде што посконцентрирана и моќноста да се упатат здравствени работници“, изјави Филипче.
Министерот нагласи дека од денес е подигнато нивото на внимателност и подготвеност на сите наши институции. На аеродромот, мерките се прошируват не само за патниците коишто доаѓаа од Кина, преку конекциите во Истанбул и Дубаи, туку за сите патници коишто сега ќе бидат скенирани на местото, каде што се влегува во делот за царината.
Филипче уште еднаш упати апел да се одложат планираните патувања за Северна Италија. Додека државните органи ќе ги одложат сите планирани работни посети на овој дел од Европа.
https://www.facebook.com/MediumskaInformativnaAgencija/videos/624426021460197/




