Бошковски би можел да биде ослободен до три месеци пред истекот на казната-затвор за случајот „Кампања“, се преиспитуваат можностите и околностите, бидејќи во тек е кривична постапка против него за случајот Ровер, се вели со писмената реакција на директорот на казнено-поправниот дом Идризово – Живко Пејковски.
„Во врска со одредени шпекулации кои излегоа изминатите денови во одредени медиуми и интернет портали, а кои се однесуваат на барањето за предвремено отпуштање на осуденото лице Љубе Бошковски од КПД Идризово, би сакал да ја информирам јавноста следното: Како Директор на Казнено – поправниот дом Идризово, ги отфрлам наводите за каквa било политичка вмешаност и вршење на притисок од било кого во остварување на правата и третманот на осудените лица, како и во конкретниот случај со осуденото лице Љубе Бошковски.
Поради правилно информирање на јавноста, би сакал да напоменам дека поради водење на друга кривична постапка именувана како “Ровер” во која еден од обвинетите е осуденото лице Љубе Бошковски и е закажано рочиште на 8 април 2016 година, се разгледува можноста за предвремено отпуштање на осуденото лице. Имено, согласно член 206 од Законот за извршување на санкциите, експлицитно е наведено дека осуденото лице може да се отпушти пред истекот на казната затвор, и тоа до 90 дена за казна затвор до пет години.
Горенаведената законска одредба предвидува можност за отпуштање на осудено лице пред истекот на казната затвор и тоа не од три месеци, туку до три месеци, поради што неточни се наводите дека трите месеци му следуваат на осуденото лице Љубе Бошковски како право.
Користењето на предвидената законска можност се преиспитува за секој случај поединечно, имајќи ги во вид останатите околности за личноста и кривичната постапка која е во тек, како и можните ризиците во однос на текот од оваа постапка. Во насока на објективно и професионално информирање на јавноста барам да се почитува уставното начело за објавување на реакцијата согласно член 16 од Уставот на Република Македонија.“ се вели во реакцијата на Пејковски.
Денеска на мирен протест пред затворот во Идризово, приврзаниците на Љубе Бошковски побараа тој најдоцна до утре да биде ослободен од затвор, односно 90 дена пред истекот на казната поради добро поведение.
Бошковски беше уапсен ден по изборите, на 6 јуни пред ресторанот „Воденица“ во Скопје, под сомнение дека незаконски ја финансирал изборната кампања и во три наврати од загрозениот сведок зел 130 илјади евра за незаконско финансирање на кампањата.
Судскиот процес за акцијата „Кампања“ траеше 2 месеца и се одржаа 9 рочишта.
Во тек се е и судењето за случајот Ровер, во кој Бошковски и 9 лица се обвинети за убиствата на Марјан Тушевски и на Киро Јанев, кои се извршени пред 15 години во скопската населба Тафталиџе од, како што тогаш објави полицијата двајца професионални егзекутори.
Последното рочиште за овој случај беше одложено минатиот петок поради боледување на судија, а претходно Бошковски најави дека до Специјалното обвинителство ќе достави транскрипти од прислушуваните разговори. Се уште е неизвесно дали предметот ќе го преземе Специјалното обвинителство.




