Во пресрет на утрешното објавување на Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава кон ЕУ, експертската јавност нема преголеми „оптимистички“ очекувања околу тоа каква ќе биде оценката на Комисијата во делот на напредокот со реформите во правосудството.
Поранешната судијка на Врховниот суд, Милка Ристова за НОВА вели дека оценката на ЕК во делот на правосудството нема да биде најпозитивна, но, нема да биде ниту најцрна.
-Оценката нема да биде најповолна, бидејќи реформите во делот на правосудството се на самиот почеток, но нема да биде и најкритичка. Овие реформи се централни во севкупниот реформски план и влијаат и на другите сегменти во општеството. Има померувања на овој план, но тие не се преголеми и на потребното ниво – вели Ристова.
Нешто попесимистички се прогнозите на нејзиниот колега и поранешен претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, кој смета дека Извештајот на ЕК во делот на правосудството, не би требало да отскокнува многу од извештајот на тимот на Рајнхард Прибе.
-Од Комисијата се многу шкрти на зборови кога станува збор за извештаите. Оценката веројатно ќе биде слична како онаа на Прибе. Ако се реални нема што да кажат поразлично од она што досега го имаше кај Прибе. Се уште сме назад со реформите во правосудството. Не сум оптимист дека ќе има нешто премногу позитивно – вели Илиев, според кого измените што се прават во делот за судството се повеќе козметички, отколку што се движат кон суштинска реформа на правосудниот систем.
И Ристова и Илиев се осврнуваат во делот на утврдувањето на одговорноста на судиите кои не постапувале согласно законот и сметаат дека треба да се оди на утврдување на индивидуална одговорност за пропустите на секој судија, а не да се оди кон генерална одговорност, бидејќи како што нагласува Ристова, сите судии не се лоши.
Во овој дел Ристова смета дека Судскиот совет треба да биде поекспедитивен во одлучувањето по претставките за утврдување на одговорност што досега ги поднесе Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија, кој од Нова година е укинат, но Судскиот совет се уште постапува по нивните претставки.
-Судскиот совет треба да биде поекспедитивен во носењето на одлуките. Без разлика дали има аргументи или не во претставките, Советот треба побрзо да излезе со став – вели Ристова.
Што е направено во последните 9 месеци
Во изминатиот деветмесечен период Владата ги усвои најголемиот дел од законите кои се однесуваа на реформите во правосудството, а кои беа дел од планот „3-6-9“.
Беше усвоена Стратегија за реформа на правосудниот сектор за периодот 2017 – 2022 година и беше формиран Совет за реформи во правосудството, а годинава и Совет за нивно спроведување со кој претседава премиерот Зоран Заев.
Од пакетот законски решенија, од поочекуваните закони досега во Собранието беше усвоен Законот за заштита на сведоци, кој Специјалното јавно обвинителство го бараше изминатите две години.
Двата клучни закони, оној за судовите и за судскиот совет, во кои фокусот е ставен токму на критериумите за избор на судии, нивно оценување и утврдување на дициплинска одговорност, се уште се во собраниска процедура.
Нивното донесување требаше да се случи минатата недела, кога беа изгласани измените на Законот за заштита на сведоци, но гласањето беше одложено поради дополнителни консултации меѓу владејачкото мнозинство и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
За донесување на овие два закони е неопходно двотретинско мнозинство, односно неопходни се гласовите на опозицијата бидејќи станува збор за системски закони.
Во последниот Извештај на Европската комисија кој беше објавен во ноември 2016 година, беше нотирано назадување во делот на правосудството и постојано мешање на политиката во судството.
„Правосудниот систем на земјата има одредено ниво на подготвеност. Сепак, состојбата се уназадува од 2014 година и достигнувањата на реформскиот процес од претходната декада се поткопани од постојаното политичко вмешување во работата на правосудството. Властите не успеаја да ја покажат потребната политичка волја за ефективно решавање на основните проблеми кои се наведени во „итните реформски приоритети“. Препреките со кои се соочува новоформираниот Специјален обвинител ја обелоденија потребата поефективно да се реши недостатокот на независност на судството и да се спречи селективната правда“, беше наведено во Извештајот.
Утрешниот извештај на Европската комисија ќе биде прв за напредокот на земјава кон ЕУ по крајот на политичката криза и промената на власта.
Најавите се дека ЕК во извештајот ќе препорача безусловен старт на преговорите.
„Во светло на постигнатиот напредок, ЕК препорачува преговорите за членство да започнат со Поранешната југословенска Република Македонија. Одлучувачки ќе биде задржувањето и продлабочувањето на сегашниот реформски чекор за итните реформски приоритети. Со цел да го поддржи ова, ЕК би го применувала засилениот пристап за преговарачките поглавја во областа на судството, фундаменталните права и правдата, слободата и безбедноста во земјата, стои во делот на извештајот на ЕК што се однесува на нашата земја.
Формулацијата, сепак, може да биде променета во последен момент предупредуваат извори во Брисел за МИА.
Премиерот Зоран Заев денеска оцени дека Македонија заслужува кристално чиста препорака од Брисел, врз основа на сработеното.
– Важни ми се зборовите во таа препорака, затоа што тоа за нас е или охрабрување или обесхрабрување. Тоа е важно и за граѓаните и за сите вклучени во реформските процеси. После оваа препорака Македонија продолжува со реформите. И навистина ако биде потврдено тоа што е сработено, очекуваме да добиеме кристално чиста препорака. Верувам дека заслужено ќе ја добиеме и тоа ќе биде дополнителна мотивација да продолжиме понатаму со реформите, изјави Заев.