Нови 153 заболени со грип се регистрирани минатата недела, соопштуваат од Институтот за јавно здравје. Грипот во овој период од годината зема поголем замаф, отколку претходната.
Податоците од Институтот говорат дека бројот на заболени е за 73,9 проценти поголем од истиот период лани, а за изминатиот десетгодишен период се регистрираат 4,8 пати повеќе заболени. Вкупниот број на заболени од грип оваа сезона е 585 луѓе. Нема смртни случаи од грип или од компликации од ова вирусно заболување.
Од Институтот информираат дека се пристигнати четири материјали за тестирање во вирусолошката лабораторија каде е потврдено присуство на инфлуенца вирус А/H1 во два материјали, а останатите два се негативни.
Од почетокот на сезоната, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 16 хумани материјали од здравствените установи, од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 5 или 31,2% биле тестирани позитивни на вирусот на инфлуенца А/H1.
Досега против сезонски грип се вакцинирани вкупно 23 957 лица и потрошени се 99,9% од набавените вакцини во јавно-здравствените институции кои се овластени за вакцинација против грип.




