Организацијата за медиуми во Југоисточна Европа (СЕЕМО) изрази загриженост за предложените измени во Законот за медиуми во Република Македонија, откако Министерството за транспорт и врски веќе презентираше два нацрт-закони преку кои треба да се добие нова правна рамка за регулација на медиумите во земјата.
СЕЕМО ја поддржуваат иницијативата од страна на Здружението на новинари на Македонија кој го повикаа Собранието да го одложи спроведувањето на законите, така што загриженоста за нивната можна злоупотреба би се отстранила.
Според СЕЕМО, постојат повеќе проблематични елементи, вклучувајќи ги и амандманите со кои на предложената нова Агенција за аудио и аудиовизуелни услуги и се дава авторитет над печатените и онлајн-медиумите, како и тоа што предлозите исто така заменуваат било какви системи на саморегулација, а креираат ново регулаторно тело со членови од државните институции кои ќе имаат право да издаваат лиценци за емитување како и да „доделуваат“ казни врз основа на нејасно дефинирани „интереси на граѓаните“.
Организацијата за медиуми во Југоисточна Европа исто така изрази загриженост и за одредбата според која приватните телевизиски станици дополнително ќе се финансираат преку буџетот предвиден за медиумите, така што би се ставиле под дополнителна политичка контрола.
Од СЕЕМО велат, освен грижата за овие предлози, кои генерално се критикувани од македонските новинари, странските дипломати и експерти, според нив нема потреба од дополнителни менувања на нацрт-законите.
„Загрижен сум дека овие закони би биле употребувани да ги замолчат критичките мислења на медиумите“, вели генералниот секретар на СЕЕМО, Оливер Вујовиќ. „Властите во Скопје треба да предложат закони кои целосно се во согласност со меѓународните стандарди, а со овие предлози тоа не е случајот“.




