Лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, во понеделник првпат ќе се појави во јавноста на прес-конференција откако беше претепан на крвавиот четврток во Собранието, објави генералниот секретар на партијата, Арбен Таравари на својот Фејсбук профил.
Села ќе одржи прес-конференција во понеделник во 13 часот во партиските простории во Тетово.
Лидерот на Алијансата на Албанците беше крвнички претепан за време на насилното влегување во Собранието на 27 април, кога беа нападнати пратениците од парламентарното мнозинство и дел од новинарите.
Села беше најпретепан и влечен низ собраниските ходници, а заврши со повреди на мозокот и скршеници.
Идентификуваните насилници добија 30-дневен притвор и се обвинети за обид за убиство.