Патриша, Игор и Јана Стефановски, Влатко Стефановски, семејството на еден од најголемите македонски драматурзи Горан Стефановски, денеска во неговото омилено Дебар Маало го прославија неговиот 67 роденден.

Неговиот син Игор се обрати пред присутните насобрани граѓани.

-Тоа дрво е поставено во спомен на Горан Стефановски. Тоа дрво само што си го започна животот тука на ова место, насилно за жал го извадивме од својот дом и го донесовме тука, за Горан. Еден живот згасна, ама тука еве друг започнува. Предлагам да го викаме Горан, или Горанчо нагалено, додека да не порасне, па ајде да му кажеме: Здраво Горане. Добредојде дрво. Се надевам дека тука ќе ти биде убаво, дека ќе пуштиш длабок корен и дека ќе бидеш среќно. Еве ние во овие два часа ќе ти праќаме позитивна енергија, за да знаеш дека нема потреба за страв и дека те сакаме. Да наздравиме. За многу години“ – рече Игор, по што ја пуштија музиката од култната ТВ-серија „Бушава азбука“.

Претседателката на Советот на Општина Центар, Јана Белчева објави дека на метална клупа, во човечка големина ќе биде излиена неговата фигура како седи на клупата и на неа ќе има место за секој што сака да седне.

„Ќе ги искористам неговите зборови за сите нас како што Горан пишуваше во историската чекална ставени во тесен калап но сепак, какви такви, обилни смртници што живееме тука да си најдеме простор за малку обични радости, за кафе, за боза, за муабет подолг од три реченици, за муабет со себе, со сите со оган во срцето и пламен во главата, за сите со пркос, гнев, бунт, глас за правда и слобода. Да ни биде катче каде што нема да сме потиснати од секојдневнито, да биде една клупа и едно катче за вдишување и издишување покрај Горан, за да ни биде место каде што ќе ги забележиме и цвеќињата и ќе ги видиме дрвата и ќе го вдишеме воздухот околу нас. Ова ќе биде една клупа за љубов, за живот, за слава на животот, за слава на Горан и негово вечно сеќавање“, рече Белчева.

Стефановски почина лани во ноември во Кентербери, Велика Британија каде живееше повеќе од две децении.