Американскиот Сенат денеска во 12 часот по американско време (18 часот по македонско) се очекува да гласа за ратификување на Протоколот за членство на Македонија во НАТО.
Протоколот за членство на Македонија беше испратен до Сенатот од американскиот претседател Доналд Трамп на 30 април годинава.
-Како што стои во извештајот за зачленување на Северна Македонија во НАТО поднесен до Конгресот на 27 март 2019 година, во однос на Резолуцијата за давање совет и согласност за ратификација на протоколите за зачленување на Полска, Унгарија, и Република Чешка, од 30 април 1998, Северна Македонија е решителен партнер на САД, и од нејзиното членство во НАТО ќе имаат директна корист стратешките интереси на САД и на НАТО Алијансата.
Барам Сенатот да обезбеди препорака и согласност, и мојата администрација е подготвена да помогне во неговите излагања, пишуваше во допиост од Трамп.
За 9 месеци, Протоколот за членство во НАТО го ратификуваа 24 држави. Со денешната ратификација тој број ќе биде 25, со што останува ратификацијата во парламентите на Исланд и Холандија и Сенатот во Франција, каде ратификацијата пред неколку дена помина во прво читање. Неизвесно единствено останува дали Шпанија ќе успее да го ратификува до Самитот на НАТО закажан за 3 декември во Лондон, поради вонредните парламентарни избори кои се закажани за 10 ноември.




