Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Северна Македонија на 11 место во НАТО според процентот од БДП наменет за одбраната

0
By Marija Todorovska on June 18, 2024 ВЕСТИ
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Северна Македонија во државниот Буџет за 2024 година за потребите на одбраната има предвидено 263 милиони долари, што претставува 2,22 отсто од БДП на земјата, се посочува во најновиот извештај на НАТО за одбранбените трошоци на земјите членки.

Согласно дефинициите на НАТО, како трошоци за одбраната се сметаат исплатите направени од страна на националните влади за потребите на своите вооружени сили, на сојузниците или на Алијансата. Во расходите за одбрана, меѓу останатите, се вклучени и трошоците за други сили финансирани преку буџетите на други министерства, покрај оние од Министерството за одбрана, како и средствата директно исплатени од државата за пензии на воените лица и цивилите што биле вработени во воените структури, за мировни и хуманитарни операции, за уништување на оружје, опрема и муниција и за истражување и развој.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, вкупните трошоци за одбраната на членките на НАТО за 2024 година се предвидени на ниво од 1.185 милијарди долари, што претставува зголемување за 10,85 отсто во споредба со ланските 1.069 милијарди долари.

Според Извештајот, вкупно 23 од 32-те членки на НАТО во 2024 година го достигнале договореното ниво на трошоци за одбраната од два отсто од националниот БДП, што е повеќе од двојно во споредба со лани, кога оваа цел ја оствариле само 10 сојузници.

Земјава со издвоени средства за одбраната од 2,22 отсто е на 11-то место според висината на стапката на средствата од БДП. „Шампион“ во оваа класификација е Полска со 4,12 проценти од БДП, пред Естонија со 3,43, САД со 3,38 и Летонија со 3,15 отсто. Натаму до десеттото место следуваат Грција со 3,08 проценти од БДП, Литванија со 2,85, Финска со 2,41, Данска со 2,37, Велика Британија со 2,33 и Романија со 2,25 отсто.

По земјава, на 12-то место е Норвешка со трошоци за одбраната од 2,20 отсто од БДП, пред Бугарија со 2,18, Шведска со 2,14, Германија со 2,12, Унгарија со 2,11, Чешка со 2,10, Турција со 2,09, Франција со 2,06, Холандија со 2,05, Албанија со 2,03, Црна Гора со 2,02 и Словачка со два отсто, како последна, 23-та, земја сојузничка која го достигнала прагот од два проценти.

Под прагот и натаму остануваат Хрватска со 1,81 отсто, Португалија со 1,55, Италија со 1,49, Канада со 1,37, Белгија со 1,30, Луксембург и Словенија со по 1,29 и на последното место е Шпанија со 1,28 проценти од БДП издвоени за одбранбени трошоци.

Земјава за трошоци за набавка на опрема за 2024 година предвидела 29,3 отсто од вкупните средства издвоени за одбраната, со што го надминува утврдениот праг на НАТО од 20 проценти. Најголема стапка за опрема од вкупните трошоци предвидела Полска од 51,1 отсто, пред Унгарија со 47,8, Албанија со 47,7, Финска со 45,8 и Луксембург со 43,7 проценти. Сите останати земји се под 40 отсто.

На самото дно се Белгија со 15,2 и Канада со 18,6, кои воедно се и единствените членки на НАТО што не го достигнале утврдениот праг од 20 отсто од вкупните средства за одбрана за трошоци за опрема. Пред нив се Литванија со 21,2, Португалија со 21,9 и Италија со 22,1 отсто.

Од вкупните трошоци на Северна Македонија за одбраната најголем процент или 43,9 отсто се наменети за плати на воениот персонал, по што следуваат 29,3 проценти за набавка на опрема, истражување и развој, 23 отсто за операции и одржување и други расходи и 3,8 проценти за инфраструктура. Сличен сооднос на распределбата на средствата има кај повеќето членки на НАТО, со исклучок на Португалија, Бугарија, Хрватска и Белгија каде над 50 проценти од трошоците се наменети за воениот персонал, Полска, Унгарија, Финска и Луксембург каде над 40 отсто се за опрема, истражување и развој и Шведска, САД и Данска кои над 40 отсто од средствата ги предвиделе за операции и одржување.

Во периодот 2014-2024 година, земјава бележи раст на трошоците за одбрана за 148,87 отсто од 106 милиони долари во 2014 на 263 милиони долари годинава. Во 2014 година трошоците за одбрана изнесувале 1,09 отсто од БДП, за сега да достигнат до 2,22 проценти.

Најголем раст на трошоците во изминатава деценија има Литванија од 324,45 отсто, пред Летонија со 316,36, Унгарија од 225 и Полска од 213,66 проценти. Од друга страна, најмал раст на одбранбените трошоци во периодот 2014-2024 имаат САД од 14,34 проценти, пред Велика Британија од 22,64, Франција од 25,63 и Хрватска од 37,5 отсто.

Сепак, иако имаат најниски стапки на раст на одвоените средства за одбрана, САД и Велика Британија се двете членки на НАТО со номинално највисоки одбранбени трошоци за 2024 година од 754,684, односно 75,277 милијарди долари, пред Германија со 76,943 и Франција со 55,195 милијарди долари. Најмалку средства за одбраната пак ќе потрошат Црна Гора и тоа 107 милиони долари, пред Северна Македонија 263, Албанија 309, Луксембург 626 и Словенија 718 милиони долари.

Податоците во извештајот се базираат на информациите што министерствата за одбрана на секоја земја членка ги доставуваат до НАТО според договорена дефиниција, како и врз основа на економски и демографски показатели на Генералниот директорат за економски и финансиски прашања на Европската комисија (ДГ ЕЦФИН) и на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Во извештајот се посочува и дека со оглед на разликите помеѓу овие извори и националните прогнози за БДП, како и дефиницијата на одбранбените трошоци на НАТО и националните дефиниции, можно е изнесените бројки да се разликуваат од оние објавени од националните власти или наведени во државните буџети.

БДП НАТО одбрана
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

ИПСОС: Популарноста на Макрон на најниско ниво откако е на власт

September 15, 2025

Рајт: Нуклеарната програма на Иран треба целосно да биде прекината

September 15, 2025

Руска служба за надворешно разузнавање тврди: ЕУ подготвува „Мајдан“ во Србија

September 15, 2025

Контролирана експлозија уништи експлозив ставен пред хотел во Драч, Албанија

September 15, 2025

„Старлинк“ објави прекин на услугата на веб-страницата, илјадници корисници се погодени

September 15, 2025
ФОКУС

Шест месеци од трагедијата во Кочани – утре протест во Скопје

ВЕСТИ September 15, 2025

На плоштадот во Скопје, утре симболично во 20:16 часот, ќе се одржи тивок собир за…

ЈО: По пожарот во Трубарево радијација не е измерена, контаминацијата е хемиска

September 14, 2025

Трамп до НАТО: Не ми го трошете времето – ќе воведам големи санкции за Русија кога сите ќе престанете да купувате нафта од неа

September 13, 2025

Брисел: Албанија се поблиску до ЕУ – отвора уште еден кластер во преговорите

September 13, 2025
CIVICA
ТИКЕР

ИПСОС: Популарноста на Макрон на најниско ниво откако е на власт

September 15, 2025

Рајт: Нуклеарната програма на Иран треба целосно да биде прекината

September 15, 2025

Руска служба за надворешно разузнавање тврди: ЕУ подготвува „Мајдан“ во Србија

September 15, 2025

Контролирана експлозија уништи експлозив ставен пред хотел во Драч, Албанија

September 15, 2025

„Старлинк“ објави прекин на услугата на веб-страницата, илјадници корисници се погодени

September 15, 2025
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.