Веќе свикнавме на каприцот на ЕУ и триумфализмот на балканските политичари од типот на претседателот Радев за „големата победа на бугарската дипломатија“ на декемврискиот Самит на ЕУ во Брисел. „Најдобар одговор на политичкиот  триумфализам е хуморот“, смета Паскал Бонифас еден од најголемите живи француски  геополитичари и основач на Институтот за геостратешки студии во Париз. Сатирата  би помогнала полесно да се исмее каприциозниот политички нарцизам, без да се поминат границите на омразата и понижувањето. Според авторот Бонифас реториката на  Радев  би се проценила како пропаганден говор кој е инаку многу атрактивен за наивните и напалени националисти од Балканот и диаспората. Балканскиот националистички табиет веќе три децении е присутен во регионот, од Триглав и Гевгелија, до Солун, Атина и Софија  и од Сплит, Белград и Будимпешта се до иселеништвото од другата страна на Атлантикот. Тоа се оние анонимни маси чија психологија  генијално ја анализира Густав Ле Бон кои под палката на лидерот  се трансформираат во толпи предводени од инстинктите а не од разумот. Лидерот го доживуваат како „мудар и храбар“, единствен историски лик и херој, „глас на совеста“  подготвен да се жртвува за иднината на сопствената држава. Радев слично на добриот војник Швејк, е свесен како и бројните непознати и полупознати политичари, скромни јунаци кои не стекнале слава  ниту ќе ја одбележи  историјата, како еден Наполеон“, а уште помалку  би ја замрачиле  славата на еден Александар Македонски или Јулије Цезар.“ Радев самиот за себе  вели дека е обичен човек  „ кој оди скромно по својот пат, никому не му додева, а и нему не му додеваат“.

Но, токму тој Радев е оној јунак кој е на усните на мнозинството бугарски граѓани и е свесен за „македонската опасност“ од Западот. Затоа е убеден дека неговата слава нема да потемне. Впрочем Радев  не го запалил храмот на богињата во Ефес, како оној глупак Херостат, за да влезе во весниците и во школските читанки туку едноставно без никаков еуфемизам, смета дека „Македонците треба да играат според неговите ноти“. Зато уште пред да слета претседателскиот  авион потонат во еуфорија  го  свикува Советодавниот совет за национална безбедност на државата , заради „геополитичката опасност“ која им се надвива над главата на „исплашената  Бугарија“. Можеби е веќе дадена и тревога за општа мобилизација и  се раздвижени  сите одбрамбени воздушни, сувоземни и поморски механизми, на бугарската армија против моќната македонска армија. А нашата славна армија од два милиони луѓе и уште толку во дијспората,  која патем  поседува и пет носачи на авиони стационирани во Охрид, Преспа и Дојран и силна воздушна флота од 300 француски ловци „Рафал“ и 200 американски Б-52 и триесетина најсовремени американски бомбардери Б-51 Rejder, како и околу 1000 крстувачки ракети, разгранет систем за сајбер-напади му се заканува на светот исто како корејскиот диктатор Ким Јонг Ун. Бугарските разузнавачи дознаваат дека раководството на Северна Македонија воените акции ќе ги води од бункерите на ловиштето „Јасен“ слично  како диктаторот на Северна Кореја од ловиштето на планината Паекту.

Сепак за да не дегенерираат работите, Радев со право бара од владата, институциите и граѓаните на Северна Македонија при секој разговор, говор или пишан текст да го употребува терминот  Република Северна Македонија ! Зошто?  Бидејки доколку се користи агресивниот израз „Северна Македонија“ или пак иредентистичкиот израз, „Македонија“ тоа асоцира на територијалните претензии кон источниот сосед, но и кон дел од Евро-Азија и Африка  се до Авганистан, Пакистан, Египет, Тунис, Мароко. Заради оваа сериозна геополитичка димензија тој смета дека „ Република Северна Македонија е безобразно сомнителна“.

Затоа нашите преговарачи на чело со Ковачевски, ова мораат да го имаат на ум бидејки никој не сака по 2500 години  повторно да се обнови македонската империја. Доколку тоа се случи, најголем губитник ке биде бугарскиот народ. Имено  македонскиот јазик ќе им биде наметнат на нашите соседи, можеби нешто ке мораат да прифатат и од латинското писмо на етничките заедници од Гостиварско и Тетовско. Автоматски илинденците и реформаторите, а можеби и  Васил Левски и Христо Ботев ќе станат Северно-македонци а патем  ке ги примораме да ги признаат и „самоосвестените Македонци во Бугарија“  како Македонци.  Единствена надеж за Софија  ке останат „самоосвестените Бугари во Македонија“ кои ќе се реорганизираат во илегални организации  и ќе се борат за независноста на Бугарија.

Овој македонски Армагедон мораат најсериозно да го сватат сите лидери на Европската Унија помеѓу Атлантикот и Уралот. Претседателот Радев како визионер на време ја увиде опасноста и одделно зборувал со сите европски лидери за темата Р.С.Македонија. Изрази задоволство што по втор пат темата РСМ отпаднала од дневниот ред на ГАК и Советот на ЕУ, бидејки конечно европските партнери разбрале „каде е вистинскиот проблем“ гледано од агол на Радев. Тој со право констатира дека „проблемот длабоко го засега и фундаментот на самата Европска Унија-човековите права и дискриминацијата. Разбирливо, бидејки во овие матни времиња кога „самоосвестените Бугари во Македонија“, одат да полнат бензин тие мораат да чекаат на ред, доколку возилата не им се паркирани прописно, мораат да плаќаат казни, кога поради заборавност не платиле за парно, вода или струја, стануваат жртви на извршителите. Кога одат на свадби, концерти, погреби, спортски натпревари, можат да испеат бугарски народни песни и рок-хитови, иако понекогаш ке забегаат и во турбо-фолкот на Цеца и Брена. Но српскиот тубо-фолк и Јелена Крлеуше се дозволени и во Бугарија. Сепак заради тортурата на македонските власти врз „самоосвестените Бугари“ македонската држава е должна да обезбеди психолошка терапија и третман за своите „дискриминирани браќа“. Едно од најболните прашања  се однесува  на изборите. Доколку „самоосвестените“ не стигнат на изибирачките места до 20 часот, им се оневозможува правото на глас во С.Македонија. Од друга страна никако не може да се објасни апстиненцијата на „самоосвестените“ од С.Македонија за време на праламентарните избори во Бугарија.

“Самоосвестените“ својот глас  можат да го дадат  во бугаските дипломатски претставништва во С.Македонија. Меѓутоа скандалозно е што од 120 000 регистрирани бугарски избирачи во С.Македонија,  излегуваат едвај  1,5%. Ова е или тема за Гинис, или досие за Агата Кристи. Радев се   сомнева  во македонските тајни служби, опремата за прислушување која не ја доуништија луѓето на Груевски, како и на заканите и пост-изборните тортури на македонските власти кои со „уцени“ вршат притисок врз самоосвестените “источни браќа“.

Кога се во прашање социјалните теми, во месарниците неможат да се купи морска храна бидејки не се продава а и така С.Македонија не излегува на море. Во зимските денови неможат да јадат јагоди и цреши,  бидејки тие се резервирани само за Македонците што живеат на јужната хемисфера, меѓутоа во летните месеци можат да си дозволат да конзумираат вкусни охридски патлиоџани и струмички пиперки, доколку не ги поимаат како провокација на иста така вкусните пиперки и патлиџани од пловдивскиот регион. Автобускиот превоз не е бесплатен така што се надеваат дека новата градоначалничка на Скопје ке им овозможи барем за неколку години дека ќе се возат бесплатно. Уште една форма на дискриминација е со Пандемијата.  Кога сакаат да влезат во МОЛ-овите и рестораните  не ги пуштаат  без валидни  докази за вакцина или ПСР-тест.

Во поглед на историјата, Радев истакна дека ќе продолжи да се бори за вистината во однос на историјата. За ова прашање покажал огромна сатисфакција бидејки и големиот Емануел Макрон ја прифатил позицијата на Бугарија и повеќе нема намера да врши притисок врз Радев. Веројатно и Макрон сватил дека извршната власт во Бугарија е во рацете на Премиерот Петков  а не во рацете на претседателот Радев. Ова е и добра вест за Радев бидејки пред две недели при презентацијата на програмата на француското претседателство со Европската Унија од 1 јануари 2022, Емануел Макрон  лаконски порача : „Нé очекува огромна работа во однос на историјата на Европа за  поуспешно да се спротиставиме на бројните обиди за ревизија на историјата ширум Европа. Ние живееме еден значаен политички момент на Европа каде се манифестира ревизионизмот на историјата во повеќе држави. Од јуни 2022 ќе настојувам да се конституираат работни групи кои ќе работат врз историјата и историографијата на Европа“.

Доколку се отпочне со овој чин, ке изгуби од значење и работата на  заедничката мешовите комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија. Според агенцијата БГНЕС, под притисокот на „сомнителното лице- С.Македонија, Радев го истегна за уши премиерот Кирил Петков, кој вети дека „ за шест месеци ке биде решен спорот меѓу Софија и Скопје“. Претседателот како строг војник на руската милитаристичка школа и пилот на МИГ-29 ги прегрупира и ги храбри силите исто како пред последниот јуриш „Не даваме рокови! Овој процес не е воден од рокови туку од резултати! Нушиќ и натаму е актуелен на Балканот.

Јосиф Јосифовски – Глигор