Република Северна Македонија отиде во правец на „демократија со слабости“ стои во најновиот извештај на магазинот „Економист“ каде се оценува индексот на демократија во светот за 2021 година. Нашата држава повеќе не е „хириден режим“, во Извештајот за демократија за минатата година, земјата на глобално ниво е рангирана на 73 место и е во групата „демократии со слабости“. На скалата на земји од регионот во Источна Европа, рангирани сме на 15 место.
Извештајот на Економист содржи пет категории кои се оценуваат, Северна Македонија има најдобра оцена во категоријата „изборни процеси и плурализам“, со оценка од 7.42 и во „граѓански слободи“ каде оценката е 7.06. Во три од пет области, нашата држава влегува во повисокиот ранг на демократија, но сепак и годинава останува ниска оценката во делот на „политичка култура“ каде од можни 10 имаме оценка 3.13.
Напредокот во категоријата „изборни процеси“ е нотиран во извештајот на Економист како подобрување во функционирањето на Владата. „Во октомври 2021 година во земјата се одржаа конкурентни локални избори. Како одговор на поразот на неговата партија на изборите, премиерот и лидер на владејачката партија, Зоран Заев, рече дека ќе преземе одговорност и ќе се повлече од двете функции.
Довербата во политичките партии, која и понатаму е неверојатно ниска, маргинално се подобри во 2021 година во споредба со 2020 година, според Балканскиот барометар“ – стои во Извештајот. „Политичката култура“ каде се оценува однесувањето на сите политички чинители во државата беше главната причина што Северна Македонија, неколку години по ред беше во рангот на земји со „хибриден режим“.