Потребите на граѓаните со акцент на ранливите категории, се високо на агендата на Министерството за труд и социјална политика, изјави на денешната прес-конференција министерката Јагода Шахпаска.

Според неа, исплатата на социјалните надоместоци, правата од детска заштита обезбедувањето на старите лица, исплатата на пензиите, ккао и мерките за вработување се обезбедуваат од буџетото од министрството за труд и социјална политика.

– Вкупниот буџет на министерството за труд и социјална политика за наредната 2022 година изнесува 50,6 милјарди денари. Покрај исплатата на парични права и услуги од системот на социјална заштита Министерството за труд и социјална политика вложува во изградба на нови и реконструкција и проширување на постојаните капацитети од детска и социјална заштита, истакна Шахпаска.

Таа потенцираше дека 2022 година ќе биде година на економско заздравување и забрзување на растотот преку капиталните инвестиции.

– И во предлог буџетото на Министерството за труд и социјлна политика, за 2022 година, средствата наменети за капитални инвестиции се зголемени за скоро 100 проценти. За капитални инвестиции предвидени се 195,5 милиони денари од кои за градежни работи 177 милиони денари, а за опремување 18,5 милиони денари, рече Шахпаска.

Предучилишното образование, како што потенцираше, е многу важно за правилниот раст и развој на децата од 0 до 6 години.

– Затоа продолжуваме да градиме нови градинки и да ги прошируваме капацитетите на веќе постоените. За нас секое дете во државата е подеднакво важно и затоа продолжуваме да градиме градинки и во рурални средини, рече Шахпаска.

– Следната година ќе заврши изградбата на 10 детски градинки и тоа во општина Чаир за 350 деца, Росоман, Ерџелија, Карпош и Битола за 150 деца, Липково, Арачиново, Пробиштип, Валандово. Со градба почнува и градинката во Гостивар во која ќе бидат сместени 100 деца, а со поддршка на ИПА фондови, ќе бидат изградени две градинки во Теарце и Тетово. Продолжува и изградбата на Домот за стари лица „Нада Михајлова“ во Пробиштип со капацитет за 55 корисници. Во Општина Чашка и село Палчиште во општина Боговиње, градиме дневни центри за лица со телесна и интелектуална попреченост. За непречено финционирање на градинките и институциите за сместување на стари лица предвидени се блок дотации во износ од 2 милијарди и 85 милиони денари, нагласи министерката.

Во буџетот, за социјални надоместоци, предвидени се 11,6 милијарди денари за околу 300 илјади корисници.

– Во моментов 35.500 семејства се приматели на гарантирана минимална социјална помош. Обезбедени се средства за исплата на детски додаток кој во моментот го користат 47 илјади деца и образовен додаток кој го користат околу 30 илјади ученици и студенти, рече Шахпаска.

Таа информира дека во 2022 година ќе се воспостават пет нови специјализирани сервиси за жени жртви на насилство и тоа во Куманово еден, во Кичево и Гостивар по два.

– Обезбедени се средства за лични асистенти за лица со попреченост од 6 до 64 години, кои ќе им помагаат во извршување на секојдневните активности и инклузија во општеството. Преку системот за социјална заштита, обезбедни се средства за стари лица – пензија која во моментов ја примаат околу 9.500 граѓани, рече Шахпаска, напоменувајќи дека Владата ја гарантира стабилноста на пензискиот системот во 2020 година за што се предвидени 30 милијарди денари кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Во буџетот на МТСП предвидени се и средства за намалување на стапката на невработеност, која се реализира преку активни мерки и програми. За таа намена МТСП трансферира 400 милиони денари за Агенцијата за вработување.

– Целта е активно вклучување на пазарот на трудот на долгорочно невработени лица, ранливи групи, Роми, жени и млади невработени лица, на лица кои им престанал работниот однос поради пандемијата, рече Шахпаска.

Таа, меѓу другото, соопшти дека е во финална фаза законското решение со кое се воведува татковско родителско отсуство.

– Ова законско решение е во финална фаза со последните консултации коишто ги правиме со социјалните партнери и многу брзо, се надевам до крајот на месецов ќе ја отвориме јавната дебата за траењето и условите на породилното отсуство. Сакам да истакнам дека воведуваме новина. Воведуваме татковско родителско отсуство. Значи, и таткото ќе учествува во грижата за детето во првата година од неговиот живот, информира Шахпаска.