Демонстрантите кои 12. ден по ред протестираат на скопските улици по одлуката за колективна аболиција, го бојадисаа и Министерството за надворешни работи. Демонстрантите пред МНР ги пречекаа припадници на единицата за брзо распоредување.

Откако протестот започна пред Специјалното обвинителство, демонстрантите застанаа пред Собранието на Република Македонија каде професорот Иван Бабановски, пејачката Кристина Арнаудова, професорот и економски аналитичар Бранимир Јовановиќ, активистот Петрит Сарачини и портпаролот на СДСМ Петре Шилегов зборуваа за Шарената револуција, како и потребата од слобода и мир.

Демонстрантите обединети под граѓанската палтформа #Протестирам бараат итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и е покренато обвинение од Специјалното обвинителство. Се бара итна и неотповиклива оставка на Иванов од функцијата претседател на Република Македонија, произнесување на Уставниот суд за уставноста на Специјалното јавно обвинителство, како и  формирање на специјално одделение во Кривичниот суд за случаите на СЈО.

Дел до барањата исто така се и итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5. јуни, задолжително присуство на претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата. Тие сметаат дека процесот на решавање на кризата треба  да се одвива на територијата на Македонија и тоа  сè додека не се формира преодна Влада која ќе ги имплементира реформските приоритети од Извештајот на Прибе.