Пратеничката Радмила Шекеринска вчера на на собраниската седница за загадувањето на воздухот изјави дека додека се уште сите зборуваме дека Скопје е загадено, сечата на Водно продолжува.
– Како одговор на оваа временска, политичка, еколошка непогода еве ги трите страни кои ги предлага Владата. И дозволете ми само да ви ги прочитам неколкуте глаголи, кои се спомнуваат на втората страна:
-да ги информираат граѓаните за штетното влијание,
-да направат анализа,
-да објават тендер,
-да ја разгледаат можноста,
-да ги интензивираат посетите,
-да направат акциски план,
-да подготват материјал за телевизија за емитувања,
-да дистрибуираат брошури,
-да го разгледаат концептот,
-и се разбира омиленото на власта, да направат анкети. Со овие глаголи ќе се бориме против загадувањето, кое сериозна бројка на луѓе не можат да дишат? Освен што владејачкото мнозинство што денеска им порача, дека треба да си се вратат од таму каде што дошле, ако биле од село или од помал град, суштински никаков чекор не чувме.
– Никој не спомнува за последниот генерален урбанистички план, кој што го усвојуваше градоначалникот на Скопје. Најлесно ни е денеска да ги обвинувате бившите урбанисти.
– Знаете што биле бившите урбанисти кои го планирале Скопје? Генијалци. Не само генијалци, туку неподмитливи генијалци. Па направиле населби во кои, секоја зграда имал парк. И ако тргнете по населбите низ Скопје, ќе видите дека таму каде што останало така како што било, денес состојбата не е ваква.
– Ама она што се случуваше со Центар, она што се случува и ден денес со Аеродром, неповратно е. И кога ќе се чудите каде отиде воздухот, погледнете малку околу себе и се ќе ви стане јасно.
– Бројките го покажуваат тоа што власта не сака да го види. Она што овде можете да го видите, ќе видите дека за само 4 години, трендот не продолжува со 2011 и 2012 година. Погледнете што се случува во Карпош, 2 пати поголемо загадување. Погледнете во Центар, 3 пати поголемо загадување. Гази Баба, исто така, 2 пати зголемено загадување. Тетово, 2 пати поголемо загадување.
– Она што го кажува овој извештај е дека секоја година, заради молчењето, кое денеска ни се повторува во Македонија умираат 1350 луѓе. И власта што вика, анкети да правиме, да им кажеме на луѓето колку загадувањето е погрешно, штетно. На луѓе здрави им пречи, а камоли на болни. На 1350 луѓе не се доболна причина, за овој Парламент да дискутира и по со време.
– 500 милиони евра се дадоа во Скопје 2014. И денеска никој да нема одговорност зошто со тие 500 милиони , можеше во Скопје да се воведе и почист транспорт и да се обезбедат филтри со финансиска поддршка на државата на индустриите коишто загадуваат, рече до собраниската говорница Шеќеринска.




