Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска ги посети припадниците на Армијата, кои на Кокино беа ангажирани во справувањето со пожарот и упати благодарност до нив, до сите припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, како и доброволците луѓето од општина Куманово.

Таа порача дека само заедно можеме да се справиме со ова, како што рече, сериозно загрозување и на животот и на здравјето на нашите граѓани и на убавата природа.

Министерката Шекеринска најави дека со одлуката на Претседателот на државата и врховен командант повеќе од 1000 припадници на Армијата се подготвени да се вклучат таму каде што треба. Потсети дека припадниците на Армијата веќе се присутни на 13 локации за да помогнат во напорите за справување со пожарите од воздух, но и многу сериозно, подвлече, да помогнат на терен каде се води главната битка.

– Навистина ми е драго што некои мои колеги во раните утрински часови многу броз реагираа позитивно и после првични најави за помош од Србија и Бугарија, одговор добивме и од страна на Словенија, а се очекува и од страна на други земји од нашето соседсто, што покажува дека како соседи можеме да си помогнеме, рече меѓу другото Шекеринска.

Според неа, ова покажува исто така голема солидарност и од страна на нашите соседи и од страна на нашите сојузници. Ова е зло и оваа огнена стихија, истакна Шекеринска, за жал го обедини целиот Балкан, па и поширокиот регион. Се осврна и на пожарите во Турција, Грција и Албанија.

Владата, информира таа, ќе забрани неколку дена движење во овие предели, но исто така, како што рече, треба да ги подобриме и нашите системи за заштита и спасување.

– Армијата и овој пат покажа дека не си ја бира задачата, буквално е таму каде што е најтешко , таму каде што ризикот е голем се вклучува и помага, изјави министерката Шекеринска.