– Ќе го спречиме иселувањето на младите во Македонија, едно од решенијата е предлог мерката на СДСМ за бизнис инкубатори со што младите ќе добијат шанса за свои бизниси, порача заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, од Битола.
Таа нагласи дека она што е потребно во општеството е да се има социјална одговорност.
„Сега власта го цеди народот, Скопје 2014-та, само за 11 споменици однел во нечии џебови, како што покажа досегашната ревизија 8 милиони евра пари на граѓаните. Или на пример, ако градоначалникот на Битола, Талески, потрошил 200 милиони евра, а битолчани од нив не гледаат никаков бенефит, тоа е злоупотреба на сопствениот народ. Битола оди назад, а неговиот Анкетен лист се полни. Овде очигледно нешто не е како што треба“, рече Радмила Шеќеринска.
Или, ако бројката вработени во Битола од 15.419 паднала на 6.669, само затоа што се бришат невработени од евиденциите, бидејќи во спротивно би значело дека се отвориле 8720 работни места, со што Битола би била економско чудо – дали се тоа решенија на проблемите? Тоа не се одговорни политики. Тоа е лицемерие. Може да се владее поинаку, додаде заменик претседателката на СДСМ.
На прашањето што значи средна класа, Шеќеринска одговори дека тоа е бројната спокојна класа во општеството, што СДСМ планира да ја врати земјата. И објасни дека, до неа може да се дојде само со намалување на големиот јаз меѓу малата група богати кои се на власт и огромната маса сиромашни во нашата земја.
-Тоа може да се постигне преку даночната политика според степенот на приходи. Може да се постигне преку повратокот на ДДВ до секој граѓанин, што ќе значи еден вид 13-та плата во годината, објасни Шекеринска.
За предлог-мерката за пензиите, таа одговори дека пензиите ќе се формираат според потрошувачката кошница, на секој три месеци, затоа што сите трошоци за живот се повеќекратно зголемени.
– Кога работите не одат, СДСМ не се откажува. Луѓето сакаат да и помогнат на државата, но нема кој да ги слушне. Ние научивме да слушаме и сакаме тоа да го промениме. Ќе поттикнуваме вакви дебати и ве повикувам за предлог мерките да дискутирате со вашите блиски, побара Шекеринска од присутните на дебатата.
Таа оцени дека власта е нервозна, а за тоа говорат реакциите на ВМРО-ДПМНЕ на секоја мерка на СДСМ и нивните пораки дека тимовите на СДСМ не се добредојдени.
На трибината во хотелот Епинал во Битола, што се одржа вчера, се обрати и претседателот на ОО на СДСМ во Битола, Васко Ковачевски, кој објасни дека основната суштина и насока на предлог мерките на СДСМ е враќањето на средната класа, а со тоа и враќањето на достоинството на граѓаните, за што побара мислења, сугестии, предлози и поддршка од неговите сограѓани.




