Во Делчево ги слушнавме истите поплаки: дека младите се помасовно се иселуваат, дека источна Македонија се’ повеќе ја напуштаат и дека причините се безброј: од неможност да се најде работно место, да се основа семејство, до лошата инфраструктура и лошите услуги кои ги даваат институциите, изјави Радмила Шекеринска, заменик претседателка на СДСМ.
„Навистина голем акцент ќе ставиме не само на странските туку и на домашните инвеститори, оние коишто и во општини како Делчево успеваат да нахранат неколку семејства, успеваат да отворат работни места. Сметаме дека е лоша праксата во која државата им дава се’ на некои инвеститори, а на некои не им нуди ништо.
– Во програмата на СДСМ предвидуваме да ги изедначиме домашните и странските инвеститори. Секој инвеститор е толку добар колку што плаќа данок и колку што отвара нови работни места. Во таа смисла, предвидуваме во трите години да ги ослободиме од данок на добивка сите оние фирми кои ќе инвестираат над 3 милиони евра во основни средства и ќе отворат шанса за најмалку 50 работни места, истакна Шеќеринска.
Според изложеното пред жителите на Делчево во новата програма на СДСМ се предвидува од данок за добивка во рок од три години да се ослободат сите оние фирми кои ќе одлучат да инвестираат во општини каде миграцијата е најголема, каде бројот на луѓе кои заминуваат е најголем и оние општини каде инвестициската активност е минимална или многу ниска.
На тој начин, смета Шеќеринска, ќе помогнеме да стимулираме инвестиции таму каде граѓаните најмногу од нив имаат потреба. На тој начин, ќе придонесеме Македонија да не биде само Македонија на главниот град или на неколку главни центри, туку Македонија да им обезбеди развој на економијата и на општини како што е Делчево.




