Што ќе прави ВМРО ДПМНЕ кога целиот криминал ќе излезе на виделина, и смешно е кога за пазарни критериуми говори партија која продава државно земјиште по едно евро за метар квадратен во центарот на Скопје, рече денеска пред новинарите потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска откако Илија Димовски ја обвини дека со одговорите кои ги дава само се заплеткала себе и својот сопруг.
Според Шеќеринска смешно е владејачката партија чии функционери ги кријат своите станови во анкетните листови да ги напаѓа оние што уредно, целосно и сосема законски го пријавиле и својот имот и своите приходи, и посочи неколку прашања на кои власта била должна да одговори.
– Добро би било Владата да не информира каква е пазарната логика за трошење 25 милиони евра годишно, како што известува ОБСЕ/ОДИХР, односно 68.000 евра дневно народни пари за себерекламирање во омилените телевизии и медиуми;
– Добро би било Владата да не информира каква е пазарната логика давање тендер од 1 милион евра, или 170.000 денари дневно за медицинска опрема на фирма со ниту еден вработен, ама која припаѓа на омилената уредничка на Премиерот и Министерот за здравство;
– Добро би било Владата да не информира дали истата транспарентност за која денес зборува ја барала и од својот вицепремиер Пешевски кој пријавил отпремнина согласно менаџерски договор од над 260.000 евра, потенцираше таа пред новинарите.
Пратеничката и потпретседателка на најголемата опозициска партија вели денешните пратенички прашања покажале зошто на власта и се потребни лаги и плукање, односно дека тоа го прави со цел да ја смени темата и да не даде одговор за „срамниот тендер во здравство и скриените станови на генералниот секретар, координаторката и други“.




