Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз Зоран Заев, и неговата десна рака Радмила Шеќеринска, до бранителот на господинот Мирослав Шиповиќ ги доставиле сите неопходни документи со кои со свој имот гарантираат дека Мирослав Шиповиќ ќе остане достапен на правосудните органи во текот на целата судска постапка која се води против него, информираше заменик-претседателката на СДСМ.
-Веднаш потоа адвокатот ќе може истите документи, заедно со документите за хипотека на неговиот личен имот, да ги достави до неопходните судски органи.
Дополнително, семејството Шиповиќ уште денеска ги достави сите информации кои што недвосмислено го докажуваат она што го знае македонската јавност, а тоа е дека Шиповиќ во ниту еден момент не помисли да бега од правдата туку го направи спротивното.
Се врати во Македонија спремен да се соочи со мерката притвор.
Токму поради ова, поради документите кои недвосмислено гарантираат дека Шиповиќ ќе биде достапен до сите правосудни органи во текот на целата постапка, очекуваме и го повикуваме Основниот суд Скопје 1 да го почитува правилото на пресумпција на невиност, да ги почитува заклетвите дадени при превземање на функциите и да го почитува Уставот и македонските закони и да овозможи господинот Шиповиќ да се брани од слобода, изјави Шеќеринска.
Вкупната вредност ќе ја добиете од адвокатот на Шиповиќ, им појасни Шеќеринска на новинарите:
-Мислам дека е некаде под 300 илјади евра. Што значи дека имате случај кога не само семејството Шиповиќ, туку и луѓе кои не се во роднинска врска врзани со него, се подготвени да гарантираат дека Шиповиќ нема да бега, затоа што луѓето кои помислуваат на бегање не се враќаат назад во државата, кога ќе бидат повикани од страна на органите на прогонот. Токму поради тоа сметаме дека ниту една од причините која досега се злоупотребуваше од различни политички кујни не постои. Единствена цел и единственото барање е Шиповиќ да може да се брани од слобода, а притоа да се овозможи Општина Центар да функционира онака како што гласаа граѓаните од оваа општина.
Сега ги ставаат своите имоти во залог, затоа што целата процедура налагала таков потег:
-Затоа што сега е процедурата, согласно судските органи сега е можноста тоа да се направи, и во првата прилика ние тоа го најавивме и во Основниот суд 1 кога претседателот на СДСМ разговараше со претседателот на судот. Тоа што го најавивме, тоа што го кажавме пред македонската јавност тоа и ќе го направиме. Со тоа паѓаат во вода сите тези дека сето тоа било исконструирано само за да се даде изјава. Напротив, со свој потпис со свој имот, стоиме зад почитувањето и на пресумпцијата на невиност и за независноста на судските органи и можноста секој граѓанин во оваа држава да се брани од слобода доколку ги исполнува законските услови.
Дали очекува укинување на притворот, Шеќеринска не прогнозира:
-Не е наше да прогнозираме. Меѓутоа, сите експерти кои ги консултиравме кои ги погледнаа овие документи кажаа едно нешто. Во нормални околности, во нормална држава, во ситуации во кои се почитува Уставот и законот, Шиповиќ уште одамна требаше да биде на слобода. Патем, споредбата од двата различни аршина кои се користат кога беше случајот со Паско Кузман и Шиповиќ покажуваат дека за жал Шиповиќ веќе предолго и неоправдано се наоѓа во притвор, изјави Шеќеринска.




