Семејството на 33 годишната Сања Кухар која пред девет години настрада во сообраќајна несреќа, цели шест години води правна битка низ лавиринтите на системот, за Фондот за здравство да им врати половина од трошоците за операцијата која била извршена во Германија. Покрај борбата со тешката здравствена состојба на нивната ќерка која била прегазена на пешачки премин  кога имала 24 години, ова семејство поминува низ голгота за како што велат, да им бидат вратени 30. 000 евра, пари кои се потрошени во продолженото лекување во странство.

Владанка Кухар, мајката на Сања, за емисијата ПРОЦЕС на НОВА раскажува низ што се поминале од моментот на несреќата, од периодот на кома, па се до моментот кога повторно била во животна опасност кога поради повредата на главата било констатирано присуство на воздух во мозокот.

„ Лекарите тука велеа дека состојбата ќе се среди. Само др. Дамјановски рече дека може да ја оперира, но само со неговите две раце бидејќи на Клиниката за неврохирургија нема  услови за такво нешто. Тогаш ние се обративме во три странски болници и од таму експресно добивме идентичен одговор, дека мора итно да се оперира бидејќи животот и е во опасност“, вели за НОВА, Владанка Кухар.

По ова, добиле конзилијарно мислење за да отпатуваат на операција во Германија и ФЗОМ  уплатил 30. 000 евра, сума која што ја добиле по фактура од баварската болница. На Сања, која е врзана за кревет не и бил доделен придружник, а специјалниот превоз со медицинско возило семејството го платило 7 илјади евра.

Но како што во медицината никогаш 2 и 2 не се 4, покрај неврохируршката операција таму се утврдило дека операцијата е покомплексна и биле вклучени и пластични хирурзи. Во делот на повредата каде што немало дел од черепот била ставена вештачка коска и кожа, нешто што во нашата држава не било возможно да се направи. Продолженото лекување чинело уште 30. 000 евра, кое подоцна станува предмет на тужбата на семејството Кухар кон Фондот.

Оттогаш почнува одот по маките низ лавиринтите на системот и спрегата меѓу Управниот Суд и ФЗОМ што трае шест години, период во кој Управниот суд носи 4 позитивни одлуки во нивна корист, а Фондот за здравство ги обжалува.

Владанка Кухар е правник со долгогодишно искуство во едно од министерствата. Ја напуштила работата за да биде покрај својата ќерка. Таа вели дека добивале небулозни одговори од правната служба од ФЗОМ,  а за Правилникот за лекување во странство тврди дека е штетен за пациентите.

„Дали се срамат, додека некои пратеници земаат по десетици илјади евра за патни трошоци и без проблем веднаш ги добиваат, други јадат бифтеци од бизони, ние не можеме да си ги добиеме средствата за лекување на нашето дете“, вели Кухар.

Таа објаснува дека постојано пишува писма, им пишала и на двајцата директори на ФЗОМ, Ден Дончев и Орхан Рамадани во кое бара средба со нив и со правната служба, но не добила позитивен одговор.

„Постојано вадат од контекст членови на законот, се изнесуваат невистинити факти. Управниот суд и ФЗОМ играат пинг понг игра, ми го уништија семејството. Ако сообраќајната несреќа била судбина, дали е судбина некој вака да не малтеретира“, вели Владанка Кухар.

Таа ги повика сите надлежни институции да го разгледаат овој случај.

„Го молам повторно директорот Ден Дончев со него да се видам и во присуство на правници да го разгледаат случајот. Ја повикувам и претседателката на Вишиот Управен суд да ги види овие пресуди, министерката за правда Рената Десковска да го разгледа случајот и ако процени дека судот правилно постапувал, јас јавно ќе се извинам. Еве и професорот Давитковски нека каже, ако ФЗОМ ја води правната постапка како што треба јас ќе се повлечам и ќе се извинам“, вели Кухар.

НОВА се обрати официјално во ФЗОМ, за да гостува некој од одговорните или од правната служба, но одбија да бидат дел од емисијата.