Портпаролот на СДСМм Петре Шилегов, откри детали од делумниот ревизорски извештај за, како што тој ги нарече, незаконски потрошените преку 58 милиони евра на општина Центар во реализација на проектот „Скопје 2014“.
-Се наоѓаме на плоштадот Македонија, локацијата која важи за најскапо место за користење на тип на услуги – кафе и пијалаци. Согласно ревизорскиот извештај од Општина Центар за ставката кафе и пијалаци 7 луѓе, во 9 месеци потрошиле 9000 евра за ставка кафиња и пијалаци, односно по 2000 денари на ден. Потребно е да се соберат повеќе од 15 луѓе на оваа локација и да се напијат по едно кафе и по еден пијалак за да биде достигната оваа сума од 2000 денари.
Со губењето на власта во Општина Центар се открија многубројни ставки за фантастично неодговорни трошења на народните пари, додаде Шилегов.
-Суровата реалност е дека Република Македонија има најниска просечна плата во регионот и дека согласно информациите од ЕУРОСТАТ за 2012 година во нашиот регион сме на последно место по директните странски инвестиции. Пред нас е дури и Косово.
Очигледно е власта сака во Република Македонија да се зборува за се и сешто освен за реалноста и за начинот на кој што неодговорно се трошат нашите средства. Значи, може да се зборува за се, освен за темите кои живот значат, изјави Шилегов, кој побара одговорен отчет за тоа како навистина се трошат народните пари на нашите граѓани.




