Портпаролот на СДСМ, Петар Шилегов, излезе со обвинување за сопствеништво на нови станови на членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
-Неверојатно што се ВМРО-ДПМНЕ поседува. Не само огромни индивидуални имот. Цели згради се запоседнати од функционери на власта. Еве доказ е оваа зграда на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје.
Во којашто, во нови станови, со мансарди, се сместиле од министри, преку телохранители, до советници. Сите дошле до становите од над 100 илјади евра во последните неколку години.
Ова е Имотен лист на советничка на ВМРО-ДПМНЕ во град Скопје, Слободанка Алексовска. Станот од околу 110 илјади евра, во оваа зграда, Алексовски Слободанка и Оливер го купиле пред само еден месец.

Младата советничка на ВМРО-ДПМНЕ, инаку членка на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ е новата сосетка на министерката Јанкулоска, на семејството Боневи, на генералниот секретар на Владата Божиновски, на телохранителот на Груевски, Павлов.
Овие влезови водат кон станови и на други државни функционери.
Стан од 120 илјади евра се води на име на сопругот на државната секретарка во Министерството за животна средина, Соња Лепиткова.
Купен лани. Еве го Имотниот лист.

Ова е втор стан на Лепиткови во Скопје. Лепиткови од Пробиштип, во 2009-та купиле стан во Скопје, а 4 години подоцна купуваат втор стан, еве во оваа зграда. Тоа што на ретко кој што не е во опкружувањето на Никола Груевски може да му успее, да дојде до 2 стана за 4 години, `и успеало и на државната секретарка за животна средина, Лепиткова.
Ова е зграда на ВМРО-ДПМНЕ, функционерско соседство, зграда на станови на мајки, сопружници и синови, зад кои се крие богатењето на тесната група на власт.
Само овие неколкумина функционери на власта, само во оваа зграда на ВМРО-ДПМНЕ, поседуваат имот од фантастични над МИЛИОН ЕВРА. До којшто дошле во последните неколку години, за време на владеењето на Никола Груевски, соопшти Шилегов.




