Според документите што ги покажавте, за становите вредни 200 илјади евра, министерката Јанкуловска подигнала кредит од Шпаркасе банка во вредност од 90 илјади евра. Кредитот сте го подигнале на 05 јануари 2012 година, објави Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.
Тој истакна дека нецели две години оттогаш, од кредитот, за отплата останале уште само 15 илјади евра. За година и 9 месеци Јанкулоска вратила 75 илјади евра со две административни плати.
Шилегов го презентираше Анкетниот лист објавен на официјалната страница на Антикорупциската комисија, каде под ставката долгови пишува: Кредит од 14.747 евра.
– Како Ви успеја министерке Јанкулоска? Враќате по 3 500 евра месечно? Како? Или на некој друг начин? Кој?, праша СДСМ.
„Што се однесува до тврдењето дека станот што сте го имале во 2006 сте го продале и сте го вложиле како учество при купувањето на становите од 200 илјади евра, треба да објасните како тие пари сте ги дале за учество во кредитот кога станот Ви е продаден на 27.03.2013 година, а становите Ви се пријавени во 2011“, истакна портпаролот на СДСМ и заклучи дека Јанкуловска станот го продала две години откако се стекнала со два стана вредни 200 илјади евра.
„Друго прашање е што не се совпаѓа ниту квадратурата на становите, ниту времето кога се стекнати становите, ако се споредат Вашите документи, со официјално објавеното од Државната комисија за спречување на корупцијата, но за тоа ќе зборуваме понатаму“, рече Шилегов.
СДСМ јасно и гласно Ве прашува: Како и кога се стекнавте со становите министерке Јанкулоска?!
СДСМ ја повикува министерката Јанкулоска, за манипулациите со нејзината имотна состојба и нејасното богатење додека е на функцијата, да си поднесе оставка!
Пак прашуваме. Дали премиерот Груевски знаел за богатењето на неговата најблиска соработничка?
Го повикуваме Груевски, ако Јанкулоска не даде самата оставка, лично тој да ја разреши, соопштија денес од СДСМ.




