Директорот на УБК, Сашо Мијалков, првиот братучед на премиерот Груевски, во обидот да се оправда за имотот што го поседува, толку се заплетка што ни неговиот заштитник, Антикорупциската комисија, не може да му помогне, соопшти портпаролот на СДСМ, Петар Шилегов.
-Од тврдењата на Мијалков во писмените соопштенија, јасно е дека тој се збунил во нули кога ја изразувал вредноста на накитот што го има. Грешка “тешка“ ни помалку ни повеќе туку околу 700-тини илјади евра.
Но, Мијалков самиот отвори ново прашање. Каде ја згрешил математиката? Кај еврата или кај денарите? На еврата им додал нула, или на денарите им додал нула?
За 6 дена Мијалков излезе со две различни објаснувања. Еве што вели на 31 октомври. Дека, внимавајте, во ПРВИОТ Анкетен лист е направена ненамерна техничка грешка, таму каде што самиот вели дека ВО ЕВРА ја соопштил вредноста на накитот што го поседува.
На 6 ноември, само 6 дена подоцна, кога од Антикорупциската комисија тој побара да го ажурирала неговиот Анкетен лист, Сашо Мијалков наведува дека утврдил оти направил технички пропусти, бидејќи промена имало и во графата Друг имот, каде ги корегирал податоците од евра во денари и, повторно внимавајте, ненамерно додал, како што вели, една нула повеќе во КОЛОНАТА ДЕНАРИ.
Значи, каде е “ненамерно“ додадена нулата, кај еврата или кај денарите?
СДСМ го повикува Сашо Мијалков да ги објасни овие нејаснотии.
Истовремено, потсетуваме дека е спорно и тврдењето на Мијалков дека не пријавил ЦЕЛА ЕДНА ФИРМА купена во Чешка, зашто основачкиот удел бил 7.800 евра, односно помал од износот во висина од над 20 просечни плати, кога законот наложува пријавување промена.
Наместо да го брани Антикорупциската комисија треба да утврди дали пред 7 месеци, во април, кога Мијалков ја купил фирмата во Чешка, просечната нето плата во РМ била 20.983 денари? Ако е така, тоа значи дека лимитот за пријавување промена на имот од 20 плати изнесувал 6.823 евра. Уделот на Мијалков во фирмата што ја купил е за 1000 евра поголем. Значи Мијалков имал обврска да ја пријави купената фирма во Чешка.
Небулозата да биде поголема Антикорупциската комисија се огласи дека имотот на Мијалков во странство не бил предмет на разгледување зашто подлежел на тамошните закони?!
И парите за тој стекнат имот не се ли предмет за Антикорупциската комисија? За овој висок државен функционер? Дали ваквата одбрана од страна на претседателот на Антикорупциската комисија Сламков, за случајот Мијалков, е отворен повик за сите владини функционери да отворат фирми во странство.
Господа од Антикорупциската комисија, наместо да давате брзоплети одговори, вие сте должни внимателно да испитате, дали целиот случај Мијалков е “весела математика“, изјави Шилегов.




