„Каде е премиерот Никола Груевски? Седум фирми се или биле регистрирани на една иста адреса, Градски стадион б.б. Официјална седиште на Сител телевизија, најголемиот медиумски поддржувач на власта“, праша денеска пред новинарите портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Тој информираше дека се уште нема никакви најави дека некоја државна институција ја испитува оваа скандалозна концентрација на фирми на адреса на еден медиум.
„Денеска ќе објавиме дополнителни документи што ја покажуваат сестраноста на мајката на уредничката бизнисменка, Лимба Талевска и на уредниците – новинари од телевизија Сител.
– Лимба Талевска, поранешно техничко лице во МТВ, покрај тоа што станува сопственичка на фирмата за медицинска опрема „ВИСАРИС МКД“, има уште најмалку две други фирми!
– Овие податоци од Централниот регистар покажуваат дека мајката на Ивона Талевска, Лимба, е сопственик/содружник во фирмата „СМАРТ КОМЈУНИКЕЈШНС ДООЕЛ“ Скопје чија дејност е истражување пазарот и испитување на јавното мислење.
– Лимба Талевска, покрај тоа што има бизниси за медицинска опрема и за испитување на јавното мислење, таа поседува и Агенција за маркетинг, регистрирана како „СМАРТ ГРОУП ЛТД ДООЕЛ“ Скопје.
– И двете фирми, формирани во период од 7 дена, во 2011 година, во моментов се во постапка на утврдување на статус“, рече Шилегов.
Според СДСМ нејасно е како Лимба Талевска и куќниот пријател на Груевски, главниот и одговорен уредник на Сител телевизија, Драган Павловиќ Латас, освен на Градски стадион б.б, бизниси има и на други адреси.
„На пример, познатиот пропагандист на власта, Драган Павловиќ, е управител и на Друштво за маркетинг и пропаганда „ТОТАЛ МАРКЕТИНГ ДООЕЛ“ Скопје. Фирма која според овој документ од Централниот регистар е активна.
– Исто така, на „Илинденска“, во Карпош, Латас има Агенција за маркетинг, регистрирана како „МЕДИАМАКС ДООЕЛ“ Скопје. Оваа фирма, регистрана во 2011 година, во моментов е во постапка на утврдување на статус“, истакна портпаролот на СДСМ.
Вчера СДСМ објави за повеќе фирми, со слични дејности, активни, во фаза на затворање или ликвидирани, чиешто седиште е Градски стадион б.б., а сопственици или управители се уредниците од телевизија Сител, Павловиќ-Латас и Талевска.
– Како е можно уредници – новинари паралелно да работеле или работат и бизниси со медицинска опрема, маркетинг, истражување на мислење, истражување на пазарот, комерцијални услуги? По кој новинарски стандард?“, праша Шилегов.




