Фирма во сопственост на семејството на уредникот на ТВ Сител Драган Павловиќ Латас добила тендери од општините во вредност од 3 милиони евра во последните 3 години, ова денеска го посочи портпаролот на СДСМ Петре Шилегов како основан сомнеж за „директна корупција од страна на власта на Никола Груевски“.
-Конкретно, фирмата ЕЛТРА ДООЕЛ Скопје, со којашто управува сопругата на братот на Павловиќ Латас, од општините што ги раководи ВМРО-ДПМНЕ, во периодот од 2011 до 2013 година, добила тендери тешки неверојатни околу 2 милиона и 900 илјади евра.
3 МИЛИОНА ЕВРА ЗА ФИРМАТА КАДЕШТО Е ДИРЕКТОР СНААТА НА ДРАГАН ПАВЛОВИЌ ЛАТАС, ЗА ДВЕ ИПОЛ ГОДИНИ! ОД ЛОКАЛНИТЕ ВЛАСТИ ПОД КОНТРОЛА НА НИКОЛА ГРУЕВСКИ, вели Шилегов.
Тој дополни дека фирмата генерално добивала тендери од градоначалниците Коце Трајановски, Ивица Коневски, Тони Трајковски и Стевчо Јакимовски, а времето кога се доделувале овие тендери било или пред или по изборите во изминатите три години.
Како што велат од СДСМ, два месеци пред локалните избори во 2013 година оваа фирма од Град Скопје добила тендер за електрични инсталации за осветлување од 40 илјади евра. Половина година по локалните избори ЕЛТРА ДООЕЛ добила два тендера од Град Скопје, на 11.09.2013 набавка на штедливи светилки, од околу 12 илјади евра и на 24.10.2013 за електрични инсталации за осветлување, бизнис од околу 102 илјади евра!
Од општина Гази Баба, два месеца пред локалните избори, на 10.01.2013 оваа фирма, за изградба на улично јавно осветлување добила тендер од околу 33 илјади евра.
Од општина Карпош, две недели пред локалните избори, на 11.03.2013 година, Стевчо Јакимовски и дал на ЕЛТРА ДООЕЛ за одржување на јавно осветлување од околу 50 илјади евра!
Најголемито доделен тендер доаѓа од општината Аеродром.
-И слушнете каков тендер добила роднински блиската фирма до Павловиќ Латас од општина Аеродром на 20 дена по вториот круг од локалните избори, на 24.04.2013 година. За нови линии за јавно осветлување Конески им дава на Павловиќ бизнис тежок над половина милион евра. 609 736 ЕВРА, вели Шилегов.
-Ваквата пракса продолжува и по предвремените парламентарни избори, на 12.09.2011 година, каде што оваа фирма, добила од Град Скопје тендер за улично осветлување на дел од пат, тежок околу 80 илјади евра. На половина месец по предвремените парламентарни избори, на 22.06.2011 година, Павловиќ добиле тендер од општина Гази Баба за одржување улично јавно осветлување од 33 илјади евра.И, оваа фирма со која управува сопругата на братот на Латас, заедно со уште 4 фирми од поранешниот градоначалник на Центар,Тодоровиќ, на само два месеца по предвремените парламентарни избори, на 5.08.2011 година добиле тендер тежок МИЛИОН ЕВРА!
-Ако се сумира, за две и пол години Коце Трајановски и дал на ЕЛТРА ДООЕЛ бизниси од половина милион евра. Општина Гази Баба и Тони Трајковски околу 200 илјади евра. Карпош и Стевчо Јакимовски околу 150 илјади евра. Од Аеродром и Ивица Конески, фирмата со која управува снаата на Павловиќ Латас добила бизнис над половина милион евра. Само две недели по локалните избори, дополнува Шилегов.
СДСМ обвини дека на овој начин Владата купува медиуми и уредници и го повика премиерот да одговори пред јавноста за овој, но и за случајот со тендерот за медицинска опрема каде што инволвирана беше Ивона Талевска, уредничка и новинарка во ТВ Сител и дневниот весник Вечер.




