Власта не сади Здравје. Власта на Груевски од оваа акција, Ден на дрвото направи уште еден расадник, но на милиони што завршуваат во нечии џебови. Ако навистина се садат дрвја и се пошумува, невозможно е вкупната површина под шуми во земјава, наместо да се зголемува, таа да е намалена, рече пред новинарите Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.
Тој ги изнесе официјалните податоци на Државниот завод за статистика, според кои вкупната површина под шуми во 2012 година, во однос на 2002 година е намалена за 211 хектари. Во 2002 изнесувала 989 046 хектари. 10 години подоцна, во 2012, замислете, паднала на 988 835 хектари.
СДСМ прашува:
– Каде се милионите садници? И каде завршија милионските суми за нив?
Ако гледаме подетално, поединечните соопштенија за периодот март 2008 – есен 2011 покажуваат дека во акцијата Ден на дрвото биле засадени 36,7 милиони садници.
Ако секој садник чини по околу 1 евро значи ли тоа дека се потрошени над 36 милиони евра?
Бројките од Државниот завод за статистика покажуваат дека: Во 2011 биле пошумени 2 081 хектар. Во 2012 година пошумени биле 1 378 хектари.
Шилегов изнесе податоци за пошумените површини во годините кога не постоел Ден на дрвото:
– Во 2003 година на пример пошумените површини изнесувале 2 879 хектари. Во 2000-тата година – 2 370 хектари. Тоа се двојно поголеми пошумени површини без Ден на дрвото.
„Пилите на Груевски со обезбедување од Јанкулоска само во Скопје ги соголија историските паркови спроти Стара Железничка станица, паркот спроти Бристол, пред Домот на АРМ, паркот Жена Борец, паркот зад Собранието на РМ, паркот пред КИЦ, двете зелени парцели околу плоштадот Македонија, паркот зад главната Пошта, старите дрвореди на Илинденска и Климент Охридски. Мерните единици на загаденост во Скопје покажуваат алармантни податоци на загаденост на воздухот. Градоначалникот Коце Трајановски дозволи мерните станици да не функционираат“, истакна Шилегов.
СДСМ бара во интерес на здравјето на граѓаните, властите да кажат колкава е загаденоста во Скопје и низ државата и за почеток да престанат да сечат каде што ќе стигнат.




