Претседавачот на Советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ, свика седница за идниот понеделник на чиј дневен ред повторно ќе бидат двата спорни Детални урбанистички планови Тасино чешмиче – Водно и Градска четврт – Капиштец.
Откако градоначалникот Андреј Жерновски минатата недела веќе еднаш донесе решение за запирање на објавување на одлуката за измени во деталните урбанистички планови, Шиповиќ ДУП-овите повторно ги става на дневен ред согласно законската регулатива, според која после две недели истите се враќаат на гласање, закони кои првиот човек на општината ги отфрли.
НОВА неофицијално дознава дека Шиповиќ е на одмор во Грција, а решението за свикување на седница му е однесено дури дотаму, да го потпише.
Минатата недела Жерновски изјави дека доколку на наредната седница на Советот на општина Центар не се промени ништо во однос на донесената одлука, ќе се обрати и до Уставниот суд за времено запирање на одлуката за измени во спорните детални урбанистички планови, од кои со едниот се предвидува и изградба на висококатница на Водно.
Жерновски кој се повика на член 62, став 2 од Законот за локална самоуправа, во кој јасно е наведено дека прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот, доколку поинаку не е определено со овој или со друг закон, изјави дека со оглед на тоа што на седницата поддршка за спорните ДУП-ови дадоа 11 од вкупно 23 советници, плановите, според него, не се донесени.

Истовремено, според него „Тасино Чешмиче 1“ не е во согласност со ГУП на Град Скопје.
На претходната Седница претседавачот Шиповиќ на новинарско прашање дали негова единствена грижа е ДУП-от само да е во согласност со Законот или меѓу другото да соодвествува и со интересите на граѓаните, рече дека тој не е урбанист и додаде дека самиот бил на Водно за да се увери дека земјиштето не се лизга.
-Бев на Водно, таму веќе се е изградено и јас не видов дека земјиштето се лизга, а предупредувањата од научната јавност дека земјиштето се лизга и е опасно за градење се стари од 2008 година, еве ви кажувам јас баш вчера бев таму, изјави Шиповиќ, кој на претходната седница за гласањето за двата спорни ДУП-а гласаше воздржано.
Дека постапката на Советот е надвор од законските рамки реагираше Претседателот на СДСМ Зоран Заев. Тој на својот Фејсбук профил го цитира член 62 од Законот за локална самоуправа, според кој, Советот донесува прописи и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи. Прописите пак, се донесуваат со мнозинство гласово од вкупниот број членови на советот, доколку поинаку не е определено со закон. Деталните урбанистички планови спаѓаат во прописи.

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов во интервју за НОВА на 19ти месецов рече дека Шиповиќ не е предавник, туку дека тој е под страшен притисок на власта.




