Претседавачот на Советот на Општина Центар речиси 4 часа беше сослушуван во затворот во Шутка, a по сослушувањето тој останува во притвор.
Истражниот судија Иван Џолев го водеше процесот, во присуство на неговиот бранител, адвокатот Стерјо Зиков и јавен обвинител.
Шиповиќ наместо во рок од 24 часа по екстрадирањето во петокот, беше сослушан дури денеска.
Нема објаснување зошто тој веднаш не беше спроведен пред истражен судија, туку беше донесена одлука да биде притворен и дури денеска да добие можност да се соочи со истражниот судија.
„Законската обврска на истражниот судија беше да го сослуша Шиповиќ во рок од 24 часа од денот на неговото екстрадирање во Македонија, но судијата тоа не го испочитува. Мирослав Шиповиќ инсистираше истиот ден кога го донесоа во Македонија да даде исказ пред истражен судија и, еве, после четири дена конечно ќе проговори пред судијата“, изјави бранителот на Шиповиќ, Стерјо Зиков.
Во полициска акција наречена „Претседавач“ беа приведени 11 лица од Скопје и од Штип под спомневање дека сториле злоупотреби во работењето.
Опозицијата во неколку наврати потенцираше убеденост дека ова е политички монтиран случај за да се блокира работата на Советот на општина Центар, и бараат Шиповиќ да биде пуштен за да се брани од слобода.




