Понудата на Груевски кон претставниците на Студентскиот и Професорскиот Пленум, најпроблематичните одредби на Законот за високо образование да се стават во мирување во следните две години и околу нив да се води дебата е голема победа на Универзитетот Св.Кирил и Методиј, кој беше најактивен од другите Универзитети, но ова е огромна победа пред се за студентите, за Студентскиот пленум, анализира професорот Светомир Шкариќ за НОВА.

-Студентскиот пленум е автономно движење и се покажаа посвесни и похрабри во одбрана на автономијата на Универзитетот, но и од самите професори. Среќа е што професорите се поделија, затоа што студентите покажаа дека се самостојни и самосвесни.

Сега следниот потег би било доставување на нов Предлог-закон од страна на Владата, која ќе проследи до Парламентот. Конечно, Владата покажа дека не знае како да постапи во овој случај.

Сепак, Груевски треба да биде свесен дека професорите од Кирил и Методиј нема лесно да попуштат во барањата, после енормното ширење на универзитетската мрежа- се додека не се смали бројот на универзитети, ќе опстои борбата на студентите и професорите. Студентите ќе останат најцврстиот орев како што покажаа дека всушност и се тоа, вели за НОВА проф. Шкариќ.