Германскиот канцелар Олаф Шолц порача оти ќе вложи напор за доделување на кандидатски статус за Украина и за Молдавија за членство во Европската Унија (ЕУ). Според него, Унијата треба да се отвори и за други земји, а тој се залага и за реформи во ЕУ, пред сè кога станува збор за правилата на гласање.

Шолц упати барање до ЕУ за носењето на надворешнополитичките одлуки да биде со квалификувано мнозинство, што подразбира укинување на правото на вето на поединечни земји, но, мала е веројатноста да ја добие поддршката од Франција и од уште неколку земји, јави порталот „Политико“.

„Ќе ги вложам сите напори во Европскиот совет за да обезбедам цела ЕУ едногласно да ги прифати кандидатурите на Украина и Молдавија за членство“, најави германскиот канцелар пред пратениците во Бундестагот. 

Како што тој додаде, „ЕУ исто така мора да биде способна да прими нови членови“.

Тој повтори дека се залага за реформи во ЕУ, првенствено за промена на правилата на гласање, со што би се спречило поединечни земји да блокираат мнозински одлуки, особено нагласувајќи ја надворешната политика како област каде потребна е таква промена.

Неколку земји од ЕУ, вклучувајќи ја Франција, веќе изнесоа забелешки за укинување на правото на вето во клучни области, како што е надворешната политика.

Шолц повика да се усвои Маршалов план за обновување на Украина по војната. Тој најави дека Германија ќе инсистира на создавање „меѓународни експертски конференции на високо ниво“ за координација во напорите за обнова на Украина.