Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ го поништи решението за изградба, помеѓу другото, на Шпанските скали на Плоштад Македонија.
Богдановиќ го огласи за ништовно издаденото одобрение на фирмата „Амадеус Девелопмент“ за изградба на објект за комерцијални и деловни намени на улица 11 Октомври бб во централното градско подрачје, информира општината.
Надлежните констатирале дека инвеститорот во рок од две години по правосилноста на решението не започнал со изградба на објектот. Според член 66 став 1 од Законот, одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно.
Во 2015 година, Општина Центар издаде дозвола за изградба на објектот, а советниците на Град Скопје, дадоа зелено светло за Шпанските скали, бидејќи површината на која тие требаше да се градат е под надлежност на Градот.
Според идејното решение зградата, заедно со Шпанските скали, требаше да биде висока 16 метри. Беа планирани и две кочии со коњи и 25 надворешни скулптури.
Скалите требаше да ги гради компанијата „Амадеус Девелопмент“ за 93.100 денари за м2 или вкупно 1.580.000 евра.




