Северна Македонија е во Европа, како географски, така и историски и сега сте еден чекор поблиску до вашата посакувана цел. Можете да сметате на поддршката од Шпанија на вашите следни чекори за членство во Европската Унија (ЕУ). Ве поддржуваме и ќе продолжиме да Ве поддржуваме, изјави премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез Перез-Кастехон.

Посетата на регионот, Педро Санчез Перез-Кастехон ја оцени како симболична поради две основни причини – прво дека пред неколку дена се деблокира процесот за отпочнување на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ и второ, како што рече, обединетоста против бруталната агресија на Путин во Украина.

„Благодарност за вашата широкоградост и одговорност, што ја ставивте иднината на земјата и вашата европска визија пред било кој друг интерес. Го направивте вистинскиот избор, го деблокиравте патот што ќе ја доведе Северна Македонија на местото каде што треба да биде“, рече шпанскиот премиер на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин премиерот Димитар Ковачевски.

Санчез порача дека од шпанското искуство со реформите за влез во ЕУ, е дека секогаш вреди да се биде дел од европскиот и политички проект – ЕУ.

„Убеден сум дека Северна Македонија што поскоро ќе биде дел од ова“, рече Санчез.

Ние сме две земји од југот на Европа, нагласи Педро Санчез Перез-Кастехон, и нашите интереси и вредности се заеднички.