Во полициската акција „Шпион“ од синоќа до денеска се уапсени 17 лица, а осомничени 22 лица. Според полицијата три лица се во бегство, а двајца во затвор.
Истрагата траела две години, а се товарат за кривични дела шпионажа, уцена и измама, при што давале информации на разни странски служби, за кои МВР досега не дава детали за кои земји станува збор.
Двајца од уапсените биле вработени во Агенцијата за разузнавање, двајца активни во УБК, четворица се поранешни припадници на МВР, двајца од Министерство за одбрана, еден активен во МО, еден е од Собрание, еден од Агенција за спречување перење пари.
Членовите на групата поседувале цели архиви на класифицирани документи со назнака „доверливи“ и „државни тајни“, со кои ја шпионирале државата и уценувале поединци. Меѓу себе биле координирани од своевидна паралелна служба.
Полицијата пронашла 16 парчиња оружје и 27 лап-топови и персонални компјутери, како и 32 мобилни телефони, УСБ-а и мемориски картички.
„Лицата се сомничат за шпионажа и соработка со странски безбедносни служби на кои им оддавале класифицирани документи со различен степен на доверливост меѓу кои имало и државни тајни, кои не смееле да ги поседуваат, а уште помалку да ги дадат“, изјави помошник министерот за односи со јавноста при МВР Иво Котевски.
Според Котевски, откако со нив во моментов се работи а подоцна ќе бидат изнесени пред истражен судија.
Од МВР неофицијално ги потврдија имињата на досега уапсените.
Генерал Горан Стојков и Аце Диневски поранешен функционер од Агенцијата за разузнавање, потоа припадник на цивилната служба на АРМ, кој бил вработен во Секторот на човечки ресурси. Полицијата ги привела режисерот Борис Дамовски, авторот на анимираниот сатиричен филм „Еднооки“ кој и покрај големата популарност беше укинат и Марјан Маџовски, шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието на РМ од 2005 година. Покрај нив уапсен бил и вработен во Агенцијата за разузнавање со албанска националност, чиј идентитет не се соопштува.
Според информациите од МВР, осомничените се на распит, после што се очекува да биде поднесена кривична пријава, доколку кореспондираат сознанијата за делата.
За утре се најавува прес на Иво Котевски, портпаролот на МВР, со повеќе детали за слулајот Шпион.




