Пензионерка од Штип на 65-годишна возраст починала, а три лица од овој град се заболени од опасно паразитско заболување чиј извор на зараза се кучињата, независно дали тие се скитници или домашни миленичиња. Во штипскиот Центар за јавно здравје велат дека и само еден заболен од болеста лајшманиоза е трагедија.
Заболените кучиња можат да се препознаат по тоа што слабеат, ги губат влакната од телото, имаат заматени очи, рани по телото и им растат необично долги нокти. Од Центарот за јавно здравје во Штип предупредуваат дека секој сопственик кој ќе забележи такви симптоми кај своето милениче веднаш треба да го однесе на ветеринар. Најдобрата превентива е кучињата да имаат редовни ветеринарски прегледи зашто само така може да се спречи заболувањето кај нив. Бидејќи досега не е пронајден начин за лекување на ова паразитско забалување, од Центарот за јавно здравје препорачуваат таквите кучиња хумано да се еутанизираат.
Песочната мушичка (флеботом) се развива во депонии и на места на кои има распаднати органски материи. Затоа препораката е кучињата скитници да се приберат во стационари, на секое такво куче да му се направи скрининг, а кај кучињата кај кои ќе се констатира вакво заразно заболување да се примени еутаназија. Засека друг начин на справување со кучиња скитници кои имаат лајшманиоза не постои, тврдат од оваа здравствена институција.




