Трамп синоќа по европско време излезе со “важното соопштение” за американскиот “shutdown”, кој речиси цел месец делумно ја парализира федерална администрација.
Во неговиот предлог до демократската опозиција и со желба да се прекине американскиот “shutdown”, Трамп понуди да се прошири на три години програмата наречена ДАЦА, односно привремената заштита за луѓето што се доведени во САД илегално како деца. Трамп исто така понуди да се прошири заштитата на имигрантите што дошле во САД како резултат на војна или природни катастрофи во нивните матични земји.
За возврат тој очекува да се ослободат буџетски пари за изградба на ѕидот на границата кон Мексико. Според него, ова е „разумен компромис, кој треба да го поддржат двете страни“ и побара 800 милиони долари итна хуманитарна помош, 805 милиони долари за технологија за откривање дрога на влезните пунктови, уште 2.750 гранични агенти и 75 нови имиграциски судиски тимови, за да се намали застојот во речиси 900.000 случаи.
Трамп, исто така, побара 5,7 милијарди долари за „стратегиско распоредување физички огради“ – не бетонски ѕид од 2.000 милји од море до море, туку челични огради на стратегиски локации.
Според Трамп, нарушен е легалниот имиграциски систем, кој „ги поткрепува нашите закони, нашите традиции и нашите најценети вредности“.
„Јас сум тука за да го прекинам ќор-сокакот и да му отворам на Конгресот пат да ја прекине блокадата на власта и да ја реши кризата на нашата јужна граница. Ако сме успешни во ова, ќе имаме најголеми шанси во многу долг период за реални, двопартиски реформи за имиграција“.
Но демократите, кои го контролираат Претставничкиот дом, веќе велат дека понудата на претседателот е неприфатлива.
Неколку минути пред Трамп да го открие својот план, претседателката на Домот, Ненси Пелоси, рече дека тие сакаат ДАЦА-заштитата да биде постојана и тој да ја одблокира владата пред да почне да преговара за граничната безбедност.
Демократката од Калифорнија рече дека очекуваната понуда на Трамп не е „искрен обид“ да им се помогне на имигрантите и дека нема да помине во Домот.
Трамп и претседателката на Демократската партија во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, веќе неколку седмици не успеваат да се согласат околу буџетскиот ќор-сокак кој започна на 22 декември и има влијание врз околу 800.000 федерални вработени кои веќе не ја примаат платата. Во срцето на буџетскиот конфликт е ѕидот на Доналд Трамп што тој сака да се подигне на границата со Мексико, и за кој тој побара пари од буџетот од 5,7 милијарди долари. Демократите упорно не попуштаат и не сакаат да го дадат нивното зелено светло за оваа намена. Изградбата на овој ѕид е едно од главните ветувања на Трамп.




